Државниот универзитет Лејк Супериор од северен Мичиген на последниот ден од изминатата година по 38. пат го објави „Списокот зборови кои треба да се забранат во англискиот, заради злоупотреба, прекумерна употреба, и генерална неупотребливост", кој се базира на предлози од јавноста во САД, Австралија, Канада и Британија, кои се собираат во текот на целата година.
Зборот кој предничел во текот на 2012. по неговите негативни атрибути е - фискален гребен, зголемување на даноците и намалување на буџетските издатоци, термин кој стана особено озлогласен откако трае расправата помеѓу републиканците и демократите во американскиот Сенат, кои рано наутро на 1. јануари конечно се договорија дека ќе го спроведат. Тоа само значи дека овој термин уште долго ќе се слуша по медиумите.
За неупатените тој често создава забуна, па така насловот "Biden will meet with House Democrats on 'fiscal cliff'" (буквално: Бајден ќе се сретне со демократите на фискалниот гребен) некои читатели го разбрале како навистина да постои некој гребен, карпа или кањон каде овие би требало да се сретнат. „Дајте да се фрлам веќе од гребенов", напишал друг кому му здосадило да слуша за некаков фискален рељеф.
Рака под рака со гребенов економистите а богами и медиумите користат уште вакви географски метафори за да ја опишат економската ситуација - „река на долговите", „планина на очајот", кои се исто така на списокот за забранување во 2013. На јазичка осуда наидоа и "superfood" (суперхрана), "guru" (гуру), "job creators" (оние кои создаваат работни места), "bucket list" (список на работи кои треба да ги направите пред да умрете), како и "double down", уште поголемо ризикување во и онака ризична ситуација. Предложен е и терминот "spoiler alert", бидејќи тој „се користи за на дегутантен начин да се покаже дека некој има тривијална информација и се подготвува да ја искористи по секоја цена".
Во текот на речиси четири децении Универзитетот од северен Мичиген „забранил" односно свртел внимание на 900 злоупотребувани или непотребни зборови и фрази, па дури и такви за кои не би се посомневале дека би се нашле меѓу нив. Така, пристигнал предлог да се ифрли зборот „страст" - предлагачот веќе бил уморен од тоа да слуша за 'страста' на компаниите, што е само еуфемизам за давање на нивни услуги или производи за пари и е далеку од некаква страст во романтична или еротска смисла.