Нов научен труд под наслов „Јазикот на социјалните мрежи ја открива емоционалната и когнитивната цена на раскинувањето“ покажува дека јазикот кој луѓето го користат се менува во месеците и неделите кои претходат на раскинување. Ова се случува релативно долго време пред тие да направат свесна одлука за прекинување на врската.
Раскинувањата се тешки за истражување. Тие најчесто не се нешто што се случува одеднаш, туку се влечкаат со месеци, дури и со години. За вистински да се истражи динамиката на прекин на една врска би требало тој момент да се стави во контекст - какви биле животите на луѓето претходно, и потоа.
Ова е овозможено со развојот на социјалните мрежи, на кои сè повеќе луѓе оставаат секојдневни записи за нивните животи. Анализата на начинот на кој се менува јазикот кој притоа го користат може да открие информации за чувствата, стиловите на мислење и врските со другите.
Авторите на спомнатиот текст го анализирале јазикот на Редит, следејќи ги социјалните, когнитивните и емоционалните животи на членовите на група под име „Брејкапс“, со над 6800 корисници. По анализа на над 1 милион постови, идентификувани се јазични маркери кои би можеле да укажат на очекувано раскинување до три месеци пред тоа реално да се случи. Исто така детектирани се промени во јазикот кои траеле и шест месеци по настанот.
Овие промени можеле да се забележат дури и кога луѓето не зборувале директно за својата врска, туку за спорт, готвење или патување. Иако тие не знаеле дека крајот наближува, тоа веќе суптилно влијаело врз начинот на кој комуницирале со другите.
Еве некои од елементите - сигнали на тоа дека раскинувањето ќе се случи или веќе се случило:
- Зголемување на фрекфенцијата на користење на „јас“, што е карактеристично и за други стресни животни настани (тн. автореферентен јазик кај луѓе кои се вознемирени или депресивни)
- Намалување на аналитичките процеси, кои се поврзани со формално или логичко мислење. Јазикот станува понеформален и личен. Во англискиот се намалува употребата на „the“ и „а“ што укажува на почесто зборување за луѓе отколку за концепти и идеи
- Во периодот на раскинувањето луѓето често реферираат на својот партнер, веројатно затоа што сакаат да го одделат својот идентитет од неговиот/нејзиниот. Потоа го вртат своето внимание кон луѓето кои им пружаат поддршка.
Со текот на времето тенденцијата е да се конструира кохерентна нарација за раскинувањето, што значи да се активираат логичките процеси. Кога ова ќе се случи, тоа е веќе знак дека луѓето можат да се насочат кон иднината и кон следното поглавје од своите животи. За повеќето ова трае околу шест месеци, иако тагата е долгорочен процес кој не запира нагло, туку може да трае со години.