Даглас Глен Колвин, попознат како Ди Ди Рамон, беше основач и басист на славните Рамонси, кој почина од прекумерна доза хероин во 2002. Иако авторството на песните формално е на сите членови на групата, Ди Ди стои и зад стиховите на повеќето од нивните најпознати песни, како на пример Blitzkrieg Bop, па токму затоа многумина го сметаат за „’рбет на групата“.
Но тој бил талентиран и за уште една работа - за сликање. Деновиве во Сторфронт галеријата на хотелот Челси во Њујорк е отворена изложба на негови дела, која ќе трае до 1. јаунари, а која се толкува како нешто на пола пат „меѓу помен и трибјут на Рамонси", чие име всушност претставува псевдоним кој Пол Мекартни го користел кога се пријавувал во хотели, како Пол Рамон.
Ди Ди беше последниот кој почина од групата, иако во 1989 ја напушти за да проба да се занимава со хип-хоп, под името Ди Ди Кинг. Освен негови слики, во изложбата се вклучени и црно-бели фотографии од времето на настапите на Рамонси, како и негови лични предмети. Главната тема на сликите се невиноста и ужасот, и се опишани како „едноставни, слатки и истовремено болни". Има тука и лоботомии на кокошки, како и стриповски цртеж на сите четворица од Рамонси, со кожњаците и темните наочари, со натпис: „Ди Ди Рамон и пријателите". Кога го цртал тоа веќе сите биле мртви.
Тоа што изложбата е организирана во Челси хотел е интересно, затоа што една од неговите три книги, романот „Хоророт на Челси хотел" се однесува на престој на Ди Ди и жена му во соба кадешто Сид Вишс наводно ја убил девојка му. Во книгата Вишс му се појавува и си прави муабет со Ди Ди, исто како и куп други мртви панкери од тоа време. Неколку слики се исто така инспирирани од неговиот престој во хотелот, и се преполни со пајаци и ѓаволи кои се закануваат со ножеви. Освен спомнатата книга тој има напишано и уште две во форма на мемоари, „Отровно срце: преживувајќи ги Рамоунси" и „Легенда за една рок ѕвезда". Последнава е дневник од неговата последна, хаотична европска тура од пролетта 2001. Книгата заради задоцнување на издавачот сепак изглегла по смртта.
Повеќе детали за историјата на групата и за самиот Ди Ди очекуваме од биографскиот филм за кој летово се слушнаа гласови дека ќе го режира Скорсезе, а ќе излезе во 2016 по повод 40-тата годишнина од објавувањето на првиот албум на групата.