Иако стереотипниот лик на мрчаторот во „агората“ на јавното мислење го поврзуваме со интернет, такви опседнати пишувачи на писма до уредникот, ентузијастични трупачи на преписки, страстни поттикнувачи на расправи, биле придружен елемент на културата на јавна комуникација, од ликови кај Дикенс, до дедото во Симпсонови. Уметноста на испраќањето рачно пишувани писма со нервозни коментари делува како реликт на минатото, но не е - само е заменето со нов тип на коментирање, уште пообилно во квантитет, а следствено на тоа, поразводнето во квалитет.
Додудша се има мислење за тековните настани во форма на „експертски“ ставови не е многу различно од претходното, доколку некој е платен да има мислење секој вторник, само затоа што е вторник. Но тие луѓе се барем платени за нивните мозоци да станат пача. Онлајн ние (повеќето од нас) минуваме низ истата процедура, секој ден, без пари.
Дел од масовноста на феноменот кој не е нов денес се должи на чиста логистика. Бариерите за влез во, како што го нарекува коментатор на сајтот Гокер, „Редот на мрчаторите“, е крајно олеснет. Порано требаше да се купи весник, да се прочита, човек доволно да се изнервира, да седне да напише писмо, да го стави во коверт со марка и да појде до најблиската пошта. Дури и тогаш немаше гаранција дека тоа ќе биде објавено. Да се биде мрчатор пред само 30 години бараше монашка посветеност на високата уметност на тоа да се биде чудак, но денес, критикувањето на што и да е пред илјадници луѓе е тривијално како нарачување кафе.
Ова важи и за социјалните мрежи, но и за медиумите. Ретки се оние во кои коментарите се онеспособени, а сето тоа во име на демократичноста и/или зголемувањето на сообраќајот на страниците. Луѓето кои можеби и никогаш не помислиле дека можат да се претворат во мрчатори се активно поттикнувани да го сторат тоа. Дури и насловите се така формулирани за да мотивираат одговори на реторички прашања (кои секако се поседуваат и споделуваат без да се прочита статијата).
И без човек да сака да промовира комплетно повлекување од социјалните медиуми или да цензурира нечии силни ставови, факт е дека пролиферацијата на огромно количество мислења (без оглед дали се неутрални, позитивни или негативни) резултираат со нивна инфлација. „Цената“ (односно вредноста) на ставот е помала кога тој е масовно достапен, а оние аргументираните и добро склопените се губат во морето останати. Но доколку сме барем свесни дека воздржувањето од мрчење на дневно (море какво дневно - минутно) ниво барем нема да додаде уште некој цент во џебовите на бароните од Силициумската долина, или на некое ѓубре од сајт, тогаш можеби би си го чувале за посебни прилики.