ГРЧКИОТ збор „мерак“ бил „ин“ за опишување на лежерен животен стил, сличен на оние тешко преводливи термини oд различни јазици кои се истовремено и совети за водење добар живот, од типот на шведското „лагом“ (со значење на „таман“) или шпанското „собремеса“ (времето минато во муабет со пријателите после заедничко јадење).
Вака вика Гардијан за „мераки“, „грчката придавка која отприлика значи да правиш нешто со љубов, страст и внимание“, но кое истовремено е и име на музички фестивал, на синџир салони за убавина во Британија, на дански бренд на козметика, а сега и на линија облека на Амазон која се рекламира со мотото: Едноставна модeрна суштина.
Се работи за збирка од 90 парчиња кои се „осмислено дизајнирани“ во палета на бои опишана како „суштинска“. Таа (облеката) е толку едноставна што носејќи ја секоја жена наводно заштедува 16 минути дневно, кои инаку би ги поминала во мислење и комбинирање на деловите. Време, кое ако се искористи како што треба, може да послужи за правење, на пример, мераклиски појадок.
Додуша, лингвистка цитирана со изјава во истиот текст вели дека на прво слушање помислила дека Амазон одбрал турски збор, со малку поинакво значење (грижење за нешто, хоби). Грчкиот „мерак“ според неа е потежок за превод и значи да правиш нешто со радост, да внимаваш на деталите, онака како што веројатно сакале да се претстават дизајнерите на спомнатата облека.
После ајварот, ова е уште еден, уште посилен удар на нашето достоинство. За инает на масата фрламе нов предлог за името - Македонија МЕРАКЛИСКА!