Електричниот накит и заборавениот гениј што го осветлил Париз

Париз веќе речиси два века е познат како „Градот на светлината“, симбол на Просветителството и технолошкиот напредок. Но историјата речиси целосно заборавила една од најнеобичните и најубави примени на светлината во париското општество од крајот на 19 век – електричниот накит.

За време на „Бел епок“ (крај на 19ти до почетокот на Првата светска војна), најелитните забави во Париз биле осветлувани не само со лустери, туку и со електрифицирани модни додатоци – брошеви, игли за вратоврска и украси за коса што светкале, се движеле и „оживувале“. Овие подвижни уметнички дела биле создадени од Гистав Труве, тивок и повлечен иноватор, кој за разлика од своите славни современици како Тесла и Едисон, никогаш не барал спектакл и слава.

Труве, по професија часовничар, ја измислил т.н. „лилипутанска батерија“ (претходник на денешната AA батерија), доволно мала за да се сокрие в џеб или во фризура. Таа напојувала накит што се движел: череп на игла за вратоврска што ги мрдала очите и чкрипела со забите, зајак-тапанар, пеперутки со крилја што треперат, брошеви со минијатурни балерини, стаклени цветови што светат.

За жал, речиси целиот овој уникатен опус бил уништен во пожар во 1980 година, кога изгорела зградата со архивите на Труве. Денес е сочуван само еден примерок – игла со череп, која се наоѓа во музејот Викторија и Алберт во Лондон.

Електричниот накит доживеал голем успех во високото општество. Првпат бил претставен во 1879 година на свеченост во Париз, каде гостите со тајни движења на раката ги „оживувале“ своите украси, на воодушевување на присутните. Највпечатлив бил дијамантскиот украс во форма на птица на принцезата Полин де Метерних, чии крилја можеле да се движат додека го носела во косата.

Најголем впечаток, сепак, накитот оставал во театарот. Труве создавал светлечки костими за балерини и актери во париските и лондонските театри. Публиката била маѓепсана од сцените во кои накитот одеднаш се вклучувал и ја осветлувал целата сцена. Меѓу воодушевените гледачи бил и младиот Оскар Вајлд.

Неговите електрични чуда можеле да се видат и во музејот на восочни фигури Музеј Гревен, каде Труве поставил фигура на самовила со светлечка круна, која лебдела над магична градина. Таму работел и младиот Жорж Мелијес, кој подоцна ќе стане пионер на филмските специјални ефекти – инспириран токму од овој свет на светлина и фантазија.

Иако денес електричниот накит се смета за рана форма на wearable technology (технологија што може да се носи), тој е само мал дел од наследството на Труве. Меѓу неговите изуми се и електрични чамци, автомобилски фарови, подводни светилки, кислородни одела и медицински инструменти, како и механички птици – едни од првите успешни летачки апарати во историјата.

И покрај сè, Труве речиси цел век по својата смрт останал заборавен. Неговото име недостасувало од енциклопедии и архиви, до таа мера што некои историчари се сомневаат дека бил намерно избришан од историјата. Благодарение на истражувачот Кевин Дезмонд, денес конечно ја добива заслужената почит. Во 2012 година, во Париз е поставена спомен-плоча на зградата каде што живеел и работел 25 години – мал, но значаен чекор кон враќање на светлината врз човекот кој, буквално и симболично, го осветлил Градот на светлината.

Повеќе скици за накитот тука

25 декември 2025 - 18:08