Уште од времето на Аристотел се зборува за пет сетила - вид, слух, мирис, вкус, допир. Но современите истражувања покажуваат дека можеби имаме не пет, туку неколку десетици сетила.
Речиси целото наше искуство е мултисензорно. Ние не гледаме, слушаме, мирисаме и допираме одделно – сите тие дразби се случуваат истовремено и создаваат единствено доживување на светот и на сопственото тело. Она што го чувствуваме влијае врз тоа што го гледаме, а она што го гледаме врз тоа што го слушаме. Мирисите, на пример, можат да ја променат перцепцијата за текстурата: шампон со мирис на цветови може да направи косата нам да ни изгледа помазна и посвиленкаста.
Кај јогуртите со ниска масленост, одредени мириси можат да создадат чувство дека се погусти и побогати, без да се додадат повеќе состојки. Перцепцијата на мирисите во устата, кои преку задниот дел од грлото стигнуваат до носот, зависи и од густината на течноста што ја консумираме.
Професорот Чарлс Спенс од Оксфорд, вели дека според некои невронаучници луѓето имаат меѓу 22 и 33 сетила. Тука спаѓа и проприоцепцијата – способноста да знаеме каде ни се екстремитетите без да ги гледаме. Чувството за рамнотежа се потпира на внатрешното уво, но и на видот и проприоцепцијата. Постои и интероцепција – сетило со кое ги чувствуваме внатрешните промени во телото, како гладот или забрзаниот пулс. Имаме и чувство на „сопственост“ врз телото - кај некои пациенти по мозочен удар, ова чувство може да исчезне, па дури да мислат дека некој друг им ја движи раката.
Дури и традиционалните сетила се сложени комбинации. Допирот, на пример, вклучува болка, температура, чешање и тактилни сензации. Вкусот, пак, е спој од допир, мирис и вкусови рецептори. Она што го нарекуваме „вкус“ во голема мера е резултат на мирисот. Јазикот разликува солено, слатко, кисело, горчливо и умами. Но вкусови како јагода или малина не постојат како посебни рецептори – ги доживуваме преку соработката на носот и јазикот. Мирисот игра клучна улога, особено преку соединенијата што се ослободуваат додека џвакаме или пиеме.
И допирот учествува во ова искуство – тој влијае врз тоа дали сакаме меки или тврдо варени јајца, или како ја доживуваме кремастата, „луксузна“ текстура на чоколадото. Дури и видот не функционира самостојно. Кога авионот полетува, ни се чини дека предниот дел од кабината е повисок, иако визуелно ништо не се променило. Тоа е резултат на соработката меѓу видот и внатрешното уво.
Истражувањето на сетилата е богато поле во кое заедно работат филозофи, невронаучници и психолози. Истражувањата покажуваат, на пример, дека звукот на чекорите може да направи телото да се чувствува полесно или потешко, дека аудио-водичите во музеите можат да ја подобрат визуелната меморија, или дека бучавата во авион го менува вкусот на храната.
Во интерактивни изложби, луѓето можат лично да искусат колку сетилата знаат да нè измамат, како во илузијата каде помал предмет ни изгледа потежок, иако сите тежат исто. Но вакви примери има насекаде околу нас. Доволно е само да застанеме за миг и да обрнеме внимание. Следниот пат кога ќе прошетате или ќе јадете, одвојте момент да забележите како сите сетила заедно работат за да го создадат целосното доживување.