Иницијативата е на самите студенти, а целта е да им се овозможи избор на трансродовите и другите колеги, кои не се чувствуваат исклучиво како машки или женски. Преговорите со соодветните органи и служби на универзитетот траеле пет-шест години, а целта била изразување почит кон родовото самочувство и разбирање на тоа како луѓето се идентификуваат себеси.
По оваа вест, дури и на либералните американски медиуми како NPR, се појавија километарски коментари, не баш толку грозни колку што би ги очекувале на наши сајтови, но сепак прилично поделени. Така, еден од ставовите е дека доколку оние кои ги држат позициите на моќ би биле потолерантни, воопшто и не би имало потреба да се измислуваат вакви заменки, исто како што доколку не би постоел расизам не би било важно дали некого го нарекуваме „црнец" или „Афро-американец". Други се потсмеваат со множината од ze и присвојните заменки во оваа смисла (пример таа-нејзино, тој-негово, ту-тутано?). Трети инсистираат дека во англискиот веќе постои родова неутрална заменка - it (тоа), па дека нема потреба да се измислува нешто ново.
За разлика од англискиот (а и македонскиот) има јазици кои си го решиле проблемот со родовата коректност со време, па именките во нив не се ниту од машки, ниту од женски род: фински, персиски, јапонски, турски, баскиски, кинески, естонски, есперанто. Во мандаринскиот кинески симболот за „таа" бил измислен во раниот дваесети век, и тоа како последица на западно влијание.