Емилио Д’Алесандро ја напуштил Италија на 18-годишна возраст за да одбегне да оди во војска. Бил син на сиромашни селани од Касино, место каде се случувале некои од најкрвавите битки во Втората светска војна. Детските спомени на војничките трупови расфрлани по ливадите му биле толку силни, што одлучил никогаш да не учествува во каква и да е воена активност.
Во 1960 Емилио заминал на тридневно патување во Лондон. Бргу се снашол, добил документи и решил да остане, работејќи како автомеханичар на тркачката писта за Формула 1 во Брендс Хач. И не само што ги поправал, туку Емилио почнал и да ги вози, откривајќи потенцијален талент за тркач.
Но неговото семејство, сопругата и двете деца, морале од нешто да опстанат, па тој нашол дополнителна работа како таксист, главно движејќи се низ северен Лондон каде биле сместени неколку филмски студија.
Една вечер во 1970, кога изгледало дека небото се отворило и Лондон ќе се поплави, тој бил меѓу ретките на должност. Од такси компанијата му јавиле дека има некаква пратка за доставување од филмско студио до друга локација. Излегло дека станува збор за - порцелански пенис - дел од сценографијата на „Пеколниот портокал“. Со оглед на точноста на доставата и фактот дека ништо не било скршено, Емилио добил понуда, да работи за режисерот, Стенли Кјубрик.
Документарецот „С е за Стенли“ ја раскажува приказната не само за соработката, туку и за необичното долгогодишно пријателство помеѓу овие два крајно спротивставени карактери - генијалниот Кјубрик кому му бил крајно потребен некој како Емилио, во кого ќе има доверба и кој ќе му биде не само возач, туку и личен секретар.
Во својата биографија која е излезена во форма на книга, како и во самиот филм, Емилио признава дека, иако Кјубрик во тоа време веќе бил славен, тој не знаел за кого се работи. Таков бушав и брадосан, само му личел на Фидел Кастро. Уште во првите моменти отркиле дека делат иста пасија по добри автомобили - особено Мерцедеси. Емилио наивно влегол во приказната, веројатно мислејќи дека нема потреба да бара конкретен опис на работното место. А тој од ден на ден почнувал да се шири, и опфаќал: превезување важни актери од аеродром до имотот на Кјубрик вон Лондон, носење на трите ќерки од и до школо, грижа за огромниот број мачки, кучиња, па дури и магариња, спасени од улици и од сигурна смрт на имотот на Кјубрикови, дури и обврска за заменување патенти на нови јакни кои не сакале да работат, и само му го одземале потребното внимание на режисерот од побитните нешта.
Нивната комуникација (во времето пред мобилни) се одвивала преку белешки, кои Стенли (најчесто потпишувајќи се со „С“) ги оставал насекаде низ куќата, што куцани на машина па поправани на рака, што набрзинка начкрабани, но секогаш екстремно прецизни и љубезни. Не изостанувале ни телефонски повици дома кај Емилио, во секое време на денот и ноќта, што ја избезумувало неговата сопруга. На крај, за да ја прескокне, Стенли вовел „жешка“ фиксна телефонска линија, кој водел директно до Емилио.
За Кјубрик се плетат различни легенди, колку бил невротичен и генерално неподнослив. Но овој филм го прикажува онаков каков што го гледал Емилио, кој почнал да развива некој вид „Стокхолмски синдром“ кон својот работодавец. Од една страна сето она што го работел на моменти било премногу, од друга му го исполнувала животот и му го обезбедувало потребниот адреналин, оној кој можел да го има доколку не се откажел од возењето Формула 1 токму поради Кјубрик. Низ оставените пораки, кои Емилио денес ги чува згрижени во остава во стара куќа во родното Касино, се гледа колку Стенли бил опседнат со ред и дисциплина, и колку очајно се обидувал да ги одржи во хаотичниот бизнис и уметност на филмот, кој подразбира огромна динамичност и куп проблеми. Од начинот на исхрана, преку одбивањето да лета со авион, избор на добар автомобил, тој се обидувал да се заштити себеси од ентропијата што го подразбира секоја уметност, но особено филмската, која зависи од куп други луѓе, логистички и други околности. И од тоа навреме и неоштетен до студиото да стигне еден порцелански пенис.
Кулминација на приказната е обидот на Емилио, под притисок на жена му, да ја раскине папочната врвца со Кјубрик, а единствен начин за тоа да го направи било физички да се отсели назад во родната Италија. Мотивот бил и тоа што неговите родители биле веќе стари па сакал да помине малку време со нив. Повлечи-потегни, најпрвин договорот бил рокот за отказ да биде три години. Но Кјубрик успева, недела по недела, некако да го продолжи тој период на пет. Во меѓувреме умира таткото на Емилио. На крај е постигнат „сонот“ - Емилио пристигнува во Италија, ја обновува старата куќа и навидум почнува нормално да живее. Ама „нормално“ значи досадно. Од север пак Кјубрик толку кука по него, што во еден момент му сугерирал да стави телефон дури и во тракторот!
Нивната „љубовна“ врска се обновува, иако на кратко, бидејќи Кјубрик наскоро починува. Дури тогаш Емилио седнува пред телевизорот и почнува да ги гледа неговите филмови.
„Тогаш сфатив каков визионер бил“, вели тој, со насолзени очи.
Илина, Букбокс