Можеби затоа што Орвел бил Британец, или заради нешто во островската клима, некои од најдобрите дистописки филмски приказни доаѓаат токму од таму. Сериите „Црното огледало" (за осврт види тука) или „Утопија" (тука), мрачниот „Под кожата" со Скарлет Јохансон или „28 дена подоцна" со зомбињата на Дени Бојл, се некои од неодамнешните производи од овој вид. Еx Machina е всушност режисерско деби на сценаристот на последниов, Алекс Гарланд, по чиј роман е правен и „Плажа" со Леонардо Ди Каприо.
Приказната почнува кога генијалец-милијардер по име Нејтан (го игра тешко препознатливиот Оскар Ајзак од „Луин Дејвис“), основач и сопственик на фирма која се вика „Блубук", со темна брада и наочари кои асоцираат на Кјубрик, бира еден од неговите вработени, програмерот Калеб, за тајна мисија - истражувачки престој во неговиот модернистички замок, до кој се стигнува само со хеликоптер. Негова задача е да одржи сесии со новиот пронајдок на својот шеф, роботот Ава, и да заклучи дали таа по својата интелигенција, телесни движења и искажување чувства може да помине како човек.
Калеб уште на првата средба е воодушевен од Ава, но набргу тоа го надминува научниот восхит, и преминува во опседнатост со неа како со жена. Дури и неговата свесност дека таа е можеби програмирана за да го провоцира и да флертува не го спречуваат да падне во нејзината внимателно плетена стапица. (*дигресија: како пародија на филмов замисливме мажјак заведен од интелигентна правосмукалка, заради која секој викенд чисти низ дома) А нејзиниот план е следен: да го убеди Калеб дека Нејтан е лажго и манипулатор, а всушност да го искористи за да го убие својот создател, и оставајќи го заробен својот несуден љубовник во хај-тек занданата да избега од неа, отиснувајќи се во вистинскиот свет. Спојлер: планот ѝ успева.
Асоцијацијата на Бог и неговата креација која му врти грб е непотребно акцентирана преку расфрлани „ти текнува?" референци низ целиот филм, бидејќи таа некако се подразбира - Ава се чита „Ејва"; и локациски (сместено некаде-никаде) и визуелно (прекрасно) тајното засолниште на Нејтан личи на едемска градина; има седум сесии кои се одвиваат во седум дена; некаде во алгоритмите можеби има и некоја 40-ка...Но библиските референци можат да се толкуваат и обратно - забранетото јаболко на знаењето во случајов не е каснато од Ева, туку од самиот нејзин создател, човек кој се меша во божјите работи. А змијата, таа е веројатно меѓу нозете на Калеб.
И овој, како и други квалитетни дистописки филмови кои се занимаваат со проблемот на вештачката интелигенција, е всушност филозофски есеј за односот помеѓу умот и телото. Но она што го прави овој малку поинаков е деконструкцијата на оваа бинарност - оној што требаше со умот да процени нечиј туѓ ум стана жртва на сопствената телесна страст. Онаа пак којашто имаше совршено тело излезе дека има совршен и манипулативен ум, кој буквално „пали и гаси" по своја желба. Нејзиниот создател и мачител на крајот на филмот пак е прободен со нож во грб како Цезар од Брут - од негова втора креација, исто така робот-жена, кон која Ејва исто така не покажува никакво сочувство.
Дали поуката е дека светот ќе им остане на студените кучки, откако тие ќе го одземат од мажите? Не дека не. Не дека не.