„Утопија е грозна", гласи првата реченица на еден од освртите во британските медиуми, непосредно по емитувањето на првата епизода на Канал 4. И не е ни чудно, кога таа почнува со масовно убиство во стрипотека, од страна на членови на некаква организација по име „Мрежата“, кои имаат само едно прашање: „Каде е Џесика Хајд?" Никој од присутните нема поим за што станува збор, но тоа не е причина да не бидат затруени со гас. Кога убијците не го поштедуваат дури ни детето кое успеало да се скрие под штандовите, тогаш веќе е јасно - дека авторите на серијата немаат намера да нè штедат ни нас.
„Утопија" е всушност наслов на стрип, или поточно графичка новела, во која се вградени тајни знаења во врска со проект со мистериозна методологија и цел, кој може да има погубни последици по целото човештво. Како и вообичаено во стриповите, и во филмот кој има слична естетика, мрачните сили се судираат со обичните луѓе - неколкумината фанови на Утопија, кои меѓусебно најпрвин анонимно комуницираат преку форум. Кога уште во првата епизода станува јасно дека постои и продолжение на стрипот, Утопија 2, тогаш тие по силата на околностите се запознаваат, и влегуваат во заедничка потрага.
Како правени според некаков прирачник за политички коректна застапеност, ликовите вклучуваат црнец компјутерџија, тип по име Вилсон Вилсон кој е опседнат со теории на заговор („Не пијам чај затоа што кафениот е измислен од ЦИА"), полничка девојка со тежок британски нагласок која страда од една од болестите опишани во стрипот, две десетгодишни деца, повозрасна жена таен агент, смотан и корумпиран државен службеник и, да, мистериозната Џесика Хајд, која излегува дека е ќерка на авторот на стрипот.
Во понекогаш комплицираната, но визуелно преубаво снимена нарација (со сатурирани бои, широки кадри и прекрасни пејсажи) мислиме дека бргу сфаќаме кои се лошите а кои добрите, за веќе во следната епизода да се посомневаме во нашиот заклучок. Но целта на „лошите" е јасна: преку одредени прехранбени производи да внесат мутација во човечкиот ген, за 98% од населението да престане да се размножува. Ваквата пандемија на стерилитет тие ја оправдуваат со неверојатниот пораст на населението во последниот век, што наскоро би значело недостаток на ресурси за опстанок на човештвото и масовно истребување, кое тие, ете, го превенираат со друг вид на (невидлив) геноцид, кој не е вперен против некоја раса посебно, туку кон човештвото воопшто. Автор на целиот проект е таткото на Џесика, кој ги скрил сите податоци за него токму во ракописот на стрипот.
Низ сцени со многу крв, акција, но и специфичен хумор, првата сезона од серијата (која патем е добитник на наградата Еми за 2014), завршува со сознанието дека носител на информациите за начинот на кој доаѓа до мутацијата не е (само) стрипот, туку конкретен човек, и тоа токму Џесика Хајд. И покрај сета нејзина вештина (ликот слободно може да се мери со најдобрите женски суперхерои), таа на крај паѓа во рацете на некогашните колеги на татко ѝ, кои се одлучни во тоа да ја продолжат мисијата.
Втората сезона не почнува онаму кадешто нè остави првата, туку на некој начин е нејзин приквел, но со многу поинаква естетика и повеќе насилство, речиси како да ја правеле други луѓе. Трета сезона засега не се најавува, но ќе има американска верзија на серијата. Сепак, дури и да запрете со гледањето кај првата сезона, таа прави една целина, сосема доволна за уживање, со блага доза на вознемиреност. Чувство кое додуша станува банално кога по изгледаната епизода ќе се префрлите на собраниска седница.
Целата прва сезона во 3 минути: