Разбирањето на тоа дали животните љубат подразбира прецизно дефинирање на тоа како научниците ја дефинираат и ја мерат љубовта кај луѓето. Една од најшироко прифатените перспективи е дека постои страсна односно романтична љубов, и сочувствителна љубов, онаа која ја чувствуваме за свое дете, родител или пријател. Романтичната љубов се дефинира како „интензивен копнеж за соединување со специфична личност, не само во физичка туку и во емоционална и когнитивна смисла“.
Животинското кралство е полно со примери на блиски врски. Нашите миленици изгледа дека манифестираат приврзаност кон нас (добро, освен мачката пред врата што само чека да ја нахраните а потоа бега при секој обид за галење). Слоновите изгледа дека тажат по своите мртви. Но има и примери на романтична љубов. Албатросите се приврзуваат со ист партнер целиот живот, понекогаш и над 60 години. Цела година летаат над океани, а потоа само еднаш годишно пристигнуваат на остров и веднаш си го препознаваат љубениот, започнувајќи ритуали кои изгледаат како љубовни.
Од птици до инсекти, насекаде низ животинското царство има примери на моногамија. Некои видови се сексуално моногамни и никогаш не се парат со друг освен со својот партнер, додека други се социјално моногамни, во смисла на тоа дека може да имаат „авантури“ на страна, но прикажуваат емоционална приврзаност само кон еден партнер, односно кон потомството кое се има со него.
Сепак, кога станува збор за заљубеност изгледа дека ние сме „откачените“ помеѓу цицачите - единствени или барем ретки помеѓу нив кои се способни да развијат вакво чувство. Сепак, тоа е толку тешко дофатливо што е невозможно да се измери кај луѓето, а не па кај животните. Кога станува збор за луѓе психолозите барем можат да им дадат на своите субјекти прашалник според кој тие самите би си го одредиле интензитетот на чувствата. Можно е и користење на функционална магнетна резонанца со чијашто помош научниците можат да го мерат протокот на крв во мозокот кога луѓето гледаат во слики од нивниот партнер или размислуваат за искуства кои ги имале со него/неа. Имено, кога се мисли на објектот на љубов се случува „бура“ од активност во амигдалата, емоционалниот центар на мозокот, како и во областите кои се поврзуваат со меморија и интензивен фокус. Постојат и хемиски знаци на љубовта, како зголемено лачење на одредени хормони.
Слични физиолошки реакции можат да се забележат и кај животните, иако не можеме со сигурност да знаеме дали тие се во корелација со чувствата на љубов. Но разликата помеѓу докажување на длабочина на одредено чувство кај животно и кај човек и не е толку голема - практично обете се нешта кај коишто е можна грешка во проценката и мерењето.
Кога се осмислуваат програми за парење на загрозени видови, научниците треба да обезбедат дека паровите ќе се „засакаат“, а тоа не е баш така лесно како кога на луѓе ќе им го пуштите Марвин Геј. Меган Мартин од Универзитетот Вашингтон Стејт се фокусира на репродукцијата на пандите - своето истражување го опишува како „спид-дејтинг“ за панди. Во експериментални услови таа и нејзиниот тим создаваат „љубовна редица“, во која женка панда чекори низ шпалир потенцијални партнери. Научниците ги забележуваат нејзините позитивни и негативни однесувања, и кого таа бира на крај. Генералната претпоставка е дека доколку на женката ѝ биде дадена шанса да се спари со последната панда на Земјата, таа би немала избор и би се согласила на тоа. Но ова не е случај - дури и видови кои се во изумирање можат да бидат „каприциозни“ во изборот на партнер.
Накратко - и ним не им е лесно.