Во октомври 1953, додека селаните од западната хемисфера биле ангажирани околу мелењето на житото, или подготовката за негово претворање во пиво, група историчари, на кои веројатно многу им се пиело, се собрале на дебата за тоа кои од овие две основни употреби на житариците била прва - за правење леб, или за пиво?
Оригиналното прашање го поставил професорот Џ. Д.Сауер од ботаничкото одделение на Универзитетот во Висконсин. И тоа всушност било уште попровокативно. Тој сакал да знае дали одгледувањето на жито било поттикнато од жед, а не од глад. Во понаучни термини, учесниците разговарале за тоа дали откритието дека ферментираните житарици резултираат со вкусен и хранлив пијалок претставувало поголем поттик за експериментална селекција и одгледување на одредени видови житарици, отколку откритието на брашното и правењето леб.
Проблемот од археолошка гледна точка е што артефактите кои се користат за правење леб или за правење пиво се слични. Оттаму, двата табора кои се формирале, да ги наречеме тим-пиво и тим-леб, морале да се повикуваат на други аргументи. На пример пиваџиите тврделе дека најраните житарици биле посоодветни за ферментирање отколку за печење, и дека месењето и печењето се многу посложени операции од ферментацијата, и подразбираат во најмала рака мелење на зрната, користење квасец (освен за бесквасниот леб), контролиран оган и фурни. За ферментација пак е доволен едноставен затворен сад во кој житата можат да почнат хемиска реакција и самите од себе, преку својот ензим дијастаза, но и со делумно џвакање на зрната, кај кои ферментацијата би ја почнала плунката. Јужно-американските племиња, на пример, прават пченкарно пиво наречено чича, како и други видови пијалоци, со џвакање зрна, корења или брашно за да го иницираат процесот. Што би се рекло „плукано“.
Но тимот-леб пак имал битни прашања - ако тие луѓе не ги користеле житариците за храна, тогаш што јаделе? Не може човек да живее само од пиво, а ни само од пиво и месо. Па дури и пар зеленчуци и овошки не би ја поправиле ситуацијата бидејќи за балансирана исхрана сепак ќе фалат јагленохидрати. „Дали треба да веруваме дека основата на западната цивилизација била поставена од лошо исхранети луѓе во постојана состојба на делумна интоксикација?“, се запрашале тие.
Со оглед на тоа како изгледа денес таа иста западна цивилизација, ние би се обложиле дека било така. И тоа во еден „штуц“.