Можеби сте забележале, а најверојатно не, особено ако ретко користите тире ( - ): доколку овој интерпункциски знак го напишете во Ворд, пред почетокот или во средина на реченицата, и од двете страни оставите белина, тогаш нешто што изгледа како кратка цртичка станува подолго, и од цртичка станува - црта.
Според правописните правила на македонскиот, црта се пишува при пренесување директен говор ( - Што се случува? - праша таа), или во средина на реченица за да се одделат реченици или зборови, вметнати како објаснување или дополнување. На пример: „Седнаа во автомобилот - стар и неодржуван со години - и тргнаа на пат.“
Во англискиот тирето се нарекува ем-деш (em dash), бидејќи зазема простор отприлика колку големата буква М. Некои автори се опседнати со две точки или со точка запирки, но има и такви за кои најсоодветно за изразување на нивните мисли и чувства е токму тирето, а меѓу нив се вбројува на пример поетесата Емили Дикинсон. Сепак, има и лектори кои сметаат дека тирето може да биде заменето со голем број други интерпункциски знаци (запирката, точка-запирката, двете точки, загради итн.) и дека оттаму е непотребна, особено имајќи предвид дека во англискиот има и нешто што се нарекува ен-деш (малку помала од ем деш, но поголема од најмалата цртичка) што се користи за одделување бројки, време или датуми (на пример сезона 2019-2020), како и трета цртичка (hyphen), која се користи за одделување на зборови во сложени зборови, на пример check-in (кај нас во примери како жиро-сметка, или во кратенки како д-р, г-ѓа итн.). Премногу цртички за човек да може да ја забележи разликата, а големо оптоварување за сите оние кои треба да ја запазат нивната должина и соодветна употреба.
Па сепак, цртата - патем, еден од нашите омилени знаци - знае да биде многу корисна и практична, да збогати и да дообјасни, да укаже на подтекст, да иронизира, да релативизира и да биде просто забавна, како некој кој упаѓа неканет среде забава и ја разбранува застојаната атмосфера. Или како што вели Сесилија Вотсон, авторка на книгата „Точка-запирка“ - просто да изгледа убаво, како стрела на која ѝ недостасува остриот врв.
Она што го научивме од сето ова - ако научивме - е токму тоа, дека помеѓу две црти може да се содржи нешто многу важно, коментар или прашање чиј одговор дава смисла на сето кажано пред или после нив.
Види претходно: Кој ви е омилен интерпункциски знак?