Точка запирката се родила во Венеција во 1494. Нејзината намена била да означува пауза долга некаде помеѓу онаа на запирката и онаа на точката, и ваквото наследство се отсликува во нејзината форма, која претставува комбинација на овие знаци. Таа е родена во период на писателски експерименти и иновации, време кога не постоеле интерпункциски правила, а писателите постојано создавале и отфрлале нови знаци. Текстовите (и оние пишувани на рака и печатените) го регистрираат тестирањето и играњето со интерпункцијата од страна на зналците од 15 век, познати како италијански хуманисти. Тие објавувале нови написи, но истовремено ги ревидирале, препечатувале и вметнувале нова интерпункција во класичните текстови.
Еден од овие хуманисти, Алдус Манутиус, бил „стројникот“ кој ги споил запирката и точката за да ја создаде точка-запирката. Манутиус бил печатар и издавач, а првиот книжевен текст што го објавил на латински бил De Aetna од неговиот современик Пјетро Бембо. Тоа било есеј, напишан во дијалошка форма, во врска со качувањето на вулканот Етна во Италија. На неговите страници се нашол нов, хибриден знак, посебно изработен за овој текст од страна на типографот Франческо Грифо од Болоња. Точка-запирката е распрскана како зачин низ текстот, некаде помеѓу точките, запирките и заградите.
Уште мастилото не се исушило од овие први претставници, а точка-запирките почнале да влегуваат во мода и тоа во повеќе верзии, дизајнирани од различни типографи. Тие всушност биле едни од ретките кои го преживеале експериментирањето со нови интерпункциски знаци, кои правеле текстовите да личат на нешто напишано во таен код. А зошто преживеале? Па веројатно затоа што на авторите им се виделе корисни, и им овозможувале стилски да изразат нешто што другите знаци не го овозможувале.
Сепак, она што е интересно за спомнатиот период е демократичноста во интерпункцијата - наместо да се оди по некакви утврдени правила, секој автор можел да си ги одреди своите ознаки, согласно сопствениот вкус и проценка. Идејата за интерпункцијата како работа на индивидуален стил и избор ги надживеала хуманистите, минала граници и океани, и опстанала како начин на мислење во врска со граматичките знаци до длабоко во 18-тиот век.
Врз основа на „Точка-запирка: минатото, сегашноста и иднината на еден погрешно разбран знак“ од Сеселија Вотсон (јули 2019)
извор
Види претходно: ; - љубовна приказна