„Прашалникот револтира“, велела Гертруда Стајн. Сметала и дека извичникот е „грд и непотребен“. Кормак МекКарти пак се ежи од точка-запирка и од наводници. На времето Џојс ги избегнувал запирките. Па сепак интерпункциските знаци и тоа како влијаат врз чувството за она што се чита, особено ако се утнати, не само во лекторска, туку и во смисла на ритам, тон и поента.
Ако на почетокот беше зборот, после него дошло празното место. Па друг збор. Според историските податоци, еден библиотекар од Александрија од третиот век п.н.е. е заслужен за создавањето на првиот систем на горни, средни и долни точки чија цел била да му сигнализираат на читателот каде да земе воздух додека чита на глас (а тогаш главно се читало така). Иако денес во секој јазик постојат формални правила за нивно користење, успешното експериментирање се смета за вид книжевна креација. Некои знаци со текот на времето изумреле, друг пак, како интеробангот, 20-вековен изум - споен прашалник и извичник - никогаш не успеаа да влезат во канонот.
1843, двомесечно списание посветено на културата кое го издава Економист, прашало шестмина писатели кој им е омилениот интерпункциски знак и зошто. Од нивните одговори го одбравме оној на Џулијан Барнс (за неговиот роман „Врева на времето“ пишувавме тука). Неговиот избор е - извичникот!
„Жал ми е за извичникот. Порано беше во високото друштво, обележувајќи тешки теми на ужас и зло. Тоа беше интерпункциски ефект кој се чуваше на посебна полица и се користеше во специјални прилики од добрите писатели, кои знаеа дека вревата што тој може да ја направи оддекнува како пукот од пиштол.
Фаулер во 1926 напиша дека „прекумерната употреба на извичниците е...една од оние работи кои го издаваат необразованиот или неискусниот писател“. Колку пророчки. Денес, извичникот се спушти на ниски гранки, се слизна од високата полица во каллта; тој е интерпункциски отпадок, кој кисне во емотикони и OMG мемиња. Некои од моите најдобри пријатели ги загадуваат нивните мејлови со !!!!!, како редови тополи покрај француските канали. Сум се фатил дека и јас употребувам неколку од нив еден по друг. А има ли нешто подепримирачко од рачно напишана верзија, во која нешто што личи на тенка цигара стои врз мал круг?
Секогаш бил чуден и превртлив знак, со променлива моќ според векот и јазикот. Во францускиот има многу помала сила, па преведувачот на „Мадам Бовари“, на пример, ќе мора да скрати барем 30% од Флоберовите извичници. Кога Ема Бовари и Родолф романтично гледаат кон месечината, и Родолфо ентузијастично вели: „Ах! Колку убава ноќ!“, еден, ако не и двата извичника ќе мора да бидат избришани во англиската верзија.
Како можеме да го избавиме извичникот од сегашната ситуација? Мислам дека е загубена кауза што се однесува до социјалните медиуми, но можеби има чаре кога станува збор за асли пишување. Еден таков пример каде се уште се користи прецизно е оној на шаховската нотација. „!“ означува силен потег, „!!“ многу силен; додека прекрасното „?!“ означува потег кој е ризичен, најверојатно погрешен, но исто така и одлучувачки.
Еднаш се обидов да напишам краток расказ за заведувањето, во кој секој потег на мажот односно жената беа анотирани како шаховски потези (приказната, секако, заврши со мат). Дали ова би функционирало погенерално? „Таа го сакаше! Тој рече дека ја сака!! Тие би биле среќни засекогаш?!“ Му треба малку разработка, признавам. Ова е само идеја. Нели? Ок, ве слушам. Реков, ве слушам!!!!“
Џулијан Барнс
Претходно: (Тука наслов)!!!!