
„Чиндогу“ доаѓа од јапонскиот збор „чин“ со значење „необичен“ и „догу“ со значење алатка. Терминот како и целокупниот концепт е креиран во 1985 од Кенџи Каваками, јапонски дизајнер и фотограф.
Принципот на чиндогу е да биде решение на некој секојдневен проблем, но притоа да предизвикува поголема мака и компликација отколку самиот тој. На пример - јасно е дека е непријатно да си го изгориш јазикот од прежешка супа. Но кој би помислил дека за тоа треба да се носи пластична прекривка за јазикот? А токму ова е еден од „чинкогу“ изумите.
Суштината на овој концепт е идејата дека самиот процес на иновирање има вредност, без оглед дали резултатот е корисен или не. Истовремено, во овие бескорисни нешта има многу хумор. Но има голема разлика помеѓу пластична повраќаница и еден чиндогу изум. Тие најдобро се доловуваат преку Десетте заповеди:
1. Тоа треба да е нешто кое потенцијално може да реши проблем, но кој никој не би го купил;
2. Мора да постои, односно да биде материјализирано од изумителот (а не да остане само на идеја)
3. Секој, во сите можни индустрии и области, мора да се согласи дека изумот е бескорисен
4. Тој не смее да биде креиран за да биде ефикасен
5. Не може да биде продаван (ама со оглед на правилото број 1 тоа и не е проблем)
6. Сепак сериозно треба да цели кон решавање конкретен секојдневен проблем
7. Треба да биде направен за одредена цел, а не само како уметнички чин
8. Не смее да биде вулгарен или да навредува
9. Не може да биде патентиран и останува во јавниот домен
10. Треба да биде за секого а не за одредена демографска група
И покрај овие правила, нешто што на почетокот можеби ги задоволувало, подоцна знае да се покаже како корисно и масовно употребувано. Во 1983, на пример, бил измислен селфи-стикот (се викал Екстендер) од јапонската компанија за фотоапарати Минолта. Никој не го купувал и делувал како класичен чиндогу изум. Денес ова е патентирана алатка која ја има низ целиот свет.
Неколку наши предлози за трансфер на изуми од категоријата „чиндогу“ во сосема ефикасни и корисни предмети:
Метличка и лопатче што се закачуваат на папучи
Чадор-кравата
Часовник со боцки околу копчето за прекинување на алармот
Види претходно: Нонсеум или уметноста на неуспехот