ЗАДОЛЖИТЕЛЕН ДОДАТОК ЗА ЧИТАЊЕ:
Улица со вишок историја
Кога го менував името на улицата Васа Мискин
Миленко Јерговиќ
Во летото 1992 ме именуваа во комисија за преименување улици во општините Центар и Стари Град. Тоа беше она време кога сè уште се мислеше дека војната нема да трае долго и дека е само прашање на ден кога бранителите ќе го деблокираат градот или кога светот ќе дознае и ќе сфати што се случува во Босна, па со воена интервенција ќе ја реши работата. Додека да се случи тоа, згодно беше да се чува привид на цивилен живот и да се менуваат имињата на улиците. Идејата беше, се разбира, да се враќаат оние старите, кои постоеле пред социјализмот, а само во исклучителни случаи да се вдене некое ново име.
Комисијата беше составена по идеален национален клуч: еден Србин, еден Бошњак, еден Хрват и еден Друг. Клучот не предизвикуваше недоразбирања, ниту доаѓаше до сериозни несогласувања, веројатно и затоа што во тоа време, а верувам и подоцна, во приказната за Сараево се чувствувавме како сарајлии. Комисијата се состана неколку пати, нешто и одлучи, но бидејќи тие одлуки не обврзуваа никого, подоцна беа формирани други комисии, кои претпоставувам почнуваа отпочеток, и целата игра траеше сè додека не заврши војната и додека да може во мир да се утврди како се нарекуваат нештата во Сараево. Во меѓувреме, се промени и националниот клуч, иако никогаш не исчезна целосно, а имињата на улиците од примарно културно станаа доминантно политичко прашање.
Но ова не е тоа за што јас би сакал да зборувам! На првиот состанок на таа наша комисија покрај улиците како Милош Обилиќ и Војвода Степа на дневен ред се најде и улицата Васа Мискин. Се чинеше логично наместо по трагичниот комунист улицата да се нарече по џамијата што некогаш одамна се наоѓала на местото на Јатовиот облакодер. Иако е срушена долго пред нас, таа џамија го оставила своето име да трае и откако неа ќе ја нема. И тоа траело, сè додека нашите комисиски предци во четириесет и некоја не го смениле. Не е добро тоа што тие го направиле и нам ни остануваше само да признаеме нешто што се чинеше очигледно.
Сите се согласија дека е така. И јас, се разбира, се согласив, па не го изговорив она што ми беше на ум, а што беше суштински спротивно на нешто за што јас сметав дека е мое мислење. Имено, јас рационално бев за Ферхадија, а емотивно бев за улицата и понатаму да се вика Васа Мискин. Зошто?
Месец и пол дена пред тоа падна една минофрлачка граната и уби луѓе што чекаа во ред за леб. Тие загинаа на улицата Васа Мискин, па сè додека трае сеќавањето на тој страшен настан, а ќе трае додека има живи генерации од опсадата на Сараево, секогаш ќе се зборува за масакрот од улицата Васа Мискин. Тоа не се случило на Ферхадија, зашто Ферхадија тогаш ја немало, па ако некој и ја спомене минофрлачката граната од Ферхадија, во првиот момент никој нема да го разбере. Мене тогаш од говорот на срцето, а не на главата, ми се чинеше дека бришењето на името на Васа Мискин значи некој вид емоционален заборав. Како да преименуваме мртви луѓе. Но тоа никогаш не го изговорив, зашто мислев дека не сум во право.
Меѓутоа, дванаесет години подоцна знам дека сум бил во право. Она што тогаш ми беше само чувство, длабока, но сосема приватна емоција, денес ми се чини крајно рационално. А рационалните аргументи од она време беа, барем во мојот случај, само блага опиеност од идеологија. Не е важно од која идеологија, веројатно од онаа што се буди кога во несреќа почнуваш да го идеализираш градот и неговото минато. Требаше да кажам дека е природно и нормално да остане името на улицата Васа Мискин, или дури – без оглед на редот – улицата да се нарекува по две имиња, па второто нека биде Ферхадија. И тоа не затоа што конкретниот Васо Мискин е толку важен, ниту затоа што во четириесетината години на социјализмот името толку се врежало во урбаниот идентитет, туку затоа што падот на една минофрлачка граната ѝ ја даде на улицата Васа Мискин онаа вишок историја по која тоа име не смее да се менува. Дај боже да беше поинаку и луѓето да беа живи, но нивната смрт оживеа во нашиот јазик и тоа требаше да се почитува.
Да го кажев сето ова во летото 1992, ништо немаше да постигнам. Ниту пред нашата комисија, ниту пред другите што следуваа. Како што ни денес, на прв поглед, нема смисла да му се навраќам на името на таа улица. И кога би ја имал таа моќ, веќе не би ѝ го враќал на Ферхадија името Васа Мискин. Ако постои грешка, тогаш таа е непоправлива. Но кога мислам на мртвите од редот за леб, таа мене редовно ми паѓа на памет. Таа грешка. И јасно ми е зошто една париска железничка станица се нарекува Сталинград. Името ѝ го дале по градот-маченик и неговите бранители, заслужни што Хитлер не ја доби војната. Градот потоа се нарече Волгоград, но во сеќавањето на хероите засекогаш ќе остане Сталинград. Слично е и со улицата Васа Мискин. Мртвите заслужиле да им се памети местото на смртта.
Спомен-плочите ништо не поправаат. Учебниците по историја уште помалку. Сите тие се лажни и опасни проекти на општественото сеќавање, дури и тогаш кога се највнимателно и најмудро срочени. Повеќе вистина и искрена тага има во говорната фраза, во зборот страдање на улицата Васа Мискин, отколку во она што ќе се раскаже за конкретното злосторство.
Во тие работи оној прв аргумент, аргументот на срцето, е непогрешливо точен. А на крајот и рационален. Кога не би било така, тогаш право на разум би имале и оние што му ја одземаат улицата на Тито. И во тоа име има вишок историја, но од некој друг вид. Оние што го менуваат сосема сигурно немаат почит кон неа.