Ова не е прв пат тоа фактот дека некој збор не постои во „официјалниот" речник на македонскиот јазик да се искористи за цензурира или извитоперување на литературните преводи, правејќи од нив нечитливи четива, далеку од сочноста на оригиналот. Кога тоа уште ќе се направи во име на некаков квази-јавен морал, тогаш работите стануваат уште полицемерни. А лингвистичката ригидност обично оди рака под рака со онаа генералната.
Кај нас ваквите дискусии се инцидентни, можеби заради тоа што литературата често се разбира како нешто со кинески ѕид одвоено од секојдневниот живот. Но во соседна Србија деновиве се разви бурна расправа околу ова прашање, поттикната од излегувањето на новото, капитално издание на „Фразеолошкиот речник на српскиот јазик" на Душан Оташевиќ. „Зошто во него нема опсцени, безобразни зборови?", прашаа дел од лингвистите, преведувачите и писателите. Авторот си одговори - нема затоа што тој како човек бил конзервативен (?!), и не би можел своето име да го стави на еден таков речник.
Познатиот лингвист Иван Клајн му одговори дека мрсна или не, оваа лексика си постои, и нејзиното игнорирање практично значи цензура. „Своевремено заради вклучувањето на ваквите зборови е критикуван речник на Матица српска, но и вулгаризмите треба да бидат внесени. Во светот постојат разни речници од ваков формат, а безобразните зборови во нив се јасно означени (исто како што впрочем се јасно означени и телевизиски емисии и филмови со ваква содржина). Во американските филмови постојано се слушаат fucking, shit, dick кои мора некако да се преведат, а ги нема во речниците", вели Клајн.
Други српски лингвисти имаат помек став и велат дека ако се почне со опсцености како глаголот „јебати" тој би можел да зафати 20 страни доколку се наведат сите негови изведенки и идиоми. Затоа тие предлагаат опсцени зборови да има, ама да се внесат само најкористените.
„Тука е проблемот, кои се најчестите и најпотребните вакви идиоми", изјавил Данко Шипка, авторот на посебниот Речник на опсцени зборови и изрази, кој сепак не се смета за речник на литературниот јазик. Најкористен не знаеме кој е, ама дека меѓу ваквите зборови има и насушно потребни, во тоа сме сигурни.