Откако полагаме право на сопственост над работите околу нас - посевите, домовите и околината - некои животни се проблем. Јадат билки, влегуваат дома, и јадат створови што ги сметаме за корисни. Ваквите животни што ги викаме и „штетници“, можат да бидат пресудни околу тоа дали ќе имаме бериќетна или гладна година.
Еден иноватор бил толку иритиран од глувците што не му била доволна класичната стапица за глувци, од која прототипови се користеле уште пред 4.500 години. Нацртал стапица со пиштол што директно пука во глушецот. Немало многу заинтересирани зашто стандардната „мишоловка“ чини поевтино и не ја прави сцената како кадар од Тарантино.
Други научници, пронашле начин „ниско да ги удрат питоните“ така што ќе ги ловат на куп, и тоа додека се парат. Змиите најчесто се размножуваат групно, а ставањето GPS уреди на женките, дава можност за детекција на „хотспот“. Кога змијата ќе престане да се движи - се пари. По неколку мажјаци одат на една, што практично значи дека нејзината статичност ги издава питоните кај ловците, заради што овој метод се нарекува Јудова техника.
П.С. Последно за змиите, вчера, од Гардијан: Имаат клиторис!
Со цел обострана заштита, и на посевите и на слоновите во Африка, здружение за заштита на слоновите измислиле нешто како солзавец за слонови. Варат мешавина од бел лук, чили, ѓумбир и билно масло. Потоа, внатре додаваат измет, скапани јајца и старо масло, и оставаат сето тоа да ферментира. Смесата ја претураат во шишенца кои ги закачуваат на жиците околу обработените површини. Кога слоновите ќе се обидат да влезат, тресејќи ги жиците ја истураат смесата, а таа мириса - да им се одјаде. Поевтината варијанта вклучува само моторно масло и чили.
Импресивен начин за убивање на змиите што го преплавиле остров во Тихиот океан. Тие создавале проблеми во електричната мрежа, па морало да се мозга брзо и ефикасно. Сфатиле дека 80 милиграми парацетамол се доволни, половина од детската доза. Но, морале да смислат и како да ги убедат змиите „да загризат“. Дозата ја ставале во телата на мртви глувци, кои ги „дистрибуирале“ со посебен шатган директно од хеликоптер. Речиси ги преполовиле змиите на островот, елиминирајќи 40 проценти од вкупната популација.
Во Австралија пак имаат проблем со зајци. На овие животни донесени од Европа во 1859, толку им годи таму што оттогаш неколку пати се имаат намножено без усул. Научниците во 50-тите намерно им пуштиле вирус што значително им го снижил бројот, но потоа создале имунитет, и продолжиле да си бркаат работа. Во 1996-та, им смислиле појак вирус што повторно се покажало како решение на краток рок. Во 2015-та направиле нова варијација на вирусот. Бадијала. Од 600 милиони зајци во светот, 300 милиони среќно живеат во Австралија.
Гулабите немаат почит кон спомениците. Кога звуците не вршат работа, се пристапува кон тактика наречена „птичји оган“, а подразбира ставање посебен гел на врвот од статуите. Гелот е невидлив за луѓето, но гулабите можат да го видат, а тој кај нив прави впечаток дека тие горат. Затоа и ги избегнуваат. Ни ова не е трајно решение, птиците имаат обичај да им се навраќаат, а кога еднаш ќе „скопчаат“ дека површината не е жешка, трикот не вреди ни пет пари.
Во Австралија, отровни жаби биле донесени во 30-тите години, за да решаваат други штетници погубни по родот на шекерна трска. Меѓутоа, и ним им се погодило, па почнале брзо да се размножуваат. Така имаат станато смртна закана за локалните предатори. Овие жаби се отровни и „во гроб со себе“ однеле 90 проценти од предаторите што ги изеле. Во прво време, властите се пуштиле на лов на жаби но без значителен успех, што ги приморало да смислат нешто попаметно. На неотровни жаби им давале литиум хлорид, кој исто така не е отровен ама прави тешка мачнина во стомакот. Тоа би требало да ги вразуми крокодилите никогаш повторно да не пробаат жаба.