Повеќето американски пчелари, барем половина од приходите остваруваат со рентање на своите кошници за опрашување на мега-расадници со овошја. Особено популарни се бадемовите хектари, концентрирани во Калифорнија која произведува 80% од глобалните количини на бадеми. Тие локации, групирани во Централната долина толку брзо и рапидно се шират што денес зафаќаат површина речиси колку половина Црна Гора.
Последното истражување покажа фрапантни бројки: зимата 2018-2019 загинале 50 милијарди пчели, седум пати повеќе од вкупниот број луѓе на планетава. Тоа е повеќе од една третина од американските комерцијални пчелни колонии и е највисока цифра откако се прават овие годишни истражувања.
Пестицидите, губењето на нивните природни простори и паразитите се сметаат за најчести фактори за ваквата состојба. Пчелите добро живеат во био-диверзитет а ова со бадемите им нуди монокултура во која лесно потклекнуваат.
Во модерното овоштарство пестицидите се неизбежни но бадемот мора да биде прскан многу повеќе и пообилно отколку кое било друго овошје. Еден од најчесто употребуваните пестициди е озлогласениот хербицид глифосат Раундап (види: Тужбите против Монсанто метастазираат) за кој постојат истражувања дека е смртоносен за пчелите а канцероген за луѓето.
Од друга страна, на бадемот му требаат многу повеќе пчели за опрашување отколку на другите овошки: на пример втори се јаболката ама ним им е доволна само една десетина од пчелите кои би биле ангажирани на иста површина со бадеми.
Калифорниската индустрија на бадеми и производи од нив денес тежи 11,8 милијарди долари а побарувачката на „бадемово млеко“ во последниве пет години е покачена за 250%. Долгогодишните пчелари со носталгија се сеќаваат на времињата кога годишно губеле по 5% од своите пчели. Денес мора да калкулираат со загуба од минимум 30% годишно па многумина се двоумат дали да продолжат со рентање на своите кошници или да ги раскинат договорите и да платат пенали за тоа.