На самитот во Зимбабве посветен на економијата околу африканскиот дивеч, Зимбабве, Боцвана, Замбија, Ангола и Намибија, повторно го подигнаа прашањето околу забраната за продажба на слонова (и слични) коска, бидејќи секоја од овие држави има огромни залихи од истата.
Претседателот на Зимбабве, Емерсон Мнангагва, изјави дека неговата држава има залиха од околу 600 милиони долари во слонова коска (вклучително и од носорог), која би сакале да можат да ја продадат на светскиот пазар.
Нивниот проблем е со Конвенцијата за меѓународна трговија со загрозени видови (Convention on International Trade in Endangered Species - Cites), која забранува секаква трговија со загрозена флора и фауна низ светот и опфаќа над 35.000 видови.
Логиката на Африканците е дека конвенцијата има едно решение за сите проблеми, и тоа не одговара на нивната ситуација. Емерсон порачува дека Ситес „треба да се воздржи од прераснување во дежурен полицаец и наместо тоа да стане организација за развој која ќе ја промовира заштитата на терен, паралелно со одржливо искористување на животинските ресурси“.
Математиката на Емерсон е дека продажбата на залихата слонова коска ќе му овозможи на Зимбабве да тера квалитетна конзервација во следните 20 години.
Претседателот на Боцвана минатиот месец ја укина забраната за лов на слонови, нагласувајќи ја “потребата за заштита на заедниците кои се соочуваат со досега незабележани напади од дивите животни“.
Намибија, Зимбабве и Боцвана, трите држави на кои отпаѓа 61% од вкупната популација слонови во Африка, веќе побараа укинување на забраната за трговија со слонова коска.
„Заради нашето добро управување, нашите животни сега се бројни. Меѓутоа кога ќе прашаме дали можеме истите да ги употребиме за луѓето кои ги штитат да добијат убави куќи, со продавање на некои од работите што треба да бидат продадени за нашите заедници да имаат корист... некои од нив веруваат дека животните имаат повеќе права.
Меѓутоа луѓето чии куќи беа уништени од животните сакаат компензација. Ако можеме да продадеме нешто од оваа слонова коска, парите ќе бидат употребени за одржување на конзервацијата,“ изјави претседателот на Намибија, зборувајќи за судирот што моментално се случува во неговата држава меѓу луѓето и дивите животни.
Трговијата со слонова коска, и нејзиното олеснување, ќе биде разговарано на конференцијата на Ситес во август.