Иако самиот вирус мутираше во текот на летото, оваа промена не влијае на тоа колку тој е пренослив и не го објаснува речиси синхронизираниот подем на бројот на новозаразени во Европа.
Наместо тоа синхоринизираноста главно се објаснува со сличностите на здравствените стратегии низ Европа, пример тоа што земјите во речиси исто време го укинаа првиот карантин и во речиси исто време отворија училиштата низ Европа, но исто така и од бранот студено време што кон крајот на септември го зафати континентот.
„Ставот на здравствените експерти сега е дека, од најразлични причини, европската стратегија за излегување од пролетниот карантин беше неуспешна. Или политичарите го игнорираа советот од експертите или системите не беа добро поставени за правилно да го имплементираат. Добронамерноста на европските народи и довербата кон властите почнаа да бледее како што пандемијата траеше, а кога истите тие експерти почнаа да повикуваат на уште построги мерки за есенва политичарите беа уште помалку волни да слушаат,“ пишува Лаура Спинеј во текстот за Гардијан.
Спинеј зборува за две недоразбирања што сите нас нè заглавија „во ова ново поглавје на мизерија“: неспособноста да се разбере идејата за експоненцијалност, и опасната идеја дека истовремено можеш да спасуваш и животи и економијата.
Епидемија на ковид-19, ако е оставена сама на себе, расте експоненцијално и експлозивно, што значи дека може да расте тивко пред одеднаш да избувне и да излезе од контрола, и дека секогаш е подобро таа да се запре што е можно порано. Спинеј наведува повеќе анализи вклучително и неодамнешната на ММФ, според кои: градовите, регионите и државите кои строго и рано воведоа мерки за изолација не само што имаа најмалку жртви, туку и економски излегоа најотпорни на вирусот.
Исходот беше дека иако првиот карантин низ Европските држави придонесе за ограничување на ширењето на ковид-19, тоа сепак не ги даде посакуваните резултати па се уште имаше пренесување на локално ниво.
„Затоа оптималната стратегија за следната фаза беше да се воведе таргетираното ставање под клуч, кога некаде ќе има експлозија на нови случаи.
Ова значи да се има поставено ефикасен систем за тестирање и следење, по што би следел координиран сет на мерки, како рестрикции за патување во и надвор од областа, мерки за социјално дистанцирање, заштита на клучните вработени, што треба да биде локално воведено за да се искорени вирусот. Уште поважно поддршката требаше да биде испорачана до погодените области на потаргетиран начин, намалувајќи го финансискиот товар на државата.
Неуспехот на оваа стратегија не беше забележителен од прва. Голем број од нас уживаа во релативно безгрижно лето. А сепак стапката на заразени растеше, не стабилно, туку експоненцијално. Враќањето на училиште, универзитет и на работа го засили ширењето во септември, а веќе во октомври болниците го вклучија алармот. Експертите повикуваа на посилни мерки, вклучително и зголемена поддршка за најранливите, меѓутоа нивните повици беа главно игнорирани. Заморот веќе почна да преовладува,“ пишува Спинеј.
Без разлика по кој пат ќе се тргне, препораката од Спинеј е дека секоја влада мора јасно да објасни зошто токму оваа стратегија е единствената што е остварлива, а секому треба да му биде јасна експоненцијалноста, и дека поштедувањето на економијата всушност е лажна економија.
„Мора да го спречиме вирусот. Сите други алтернативи се полоши,“ порачува Спинеј.