Знаете дека бројот на новозаразени на планетава расте побрзо од кога било, така?

Можеби имаме поинакво чувство затоа што епидемијата ослабнува во оние земји во кои први удри и кои ги сметаме за симболи на заразата и нејзини жаришта. Но, не е така. Географијата на болеста се менува и денес дневно се пријавуваат повеќе новозаразени од оние денови кога бевме најуплашени.

Глобалниот семафор за короната на дневна основа покажува по 100.000 нови случаи а бројот на земји кои бележат раст е двојно поголем од оние кај кои бројот опаѓа.

Рекорден беше 30 мај кога планетарно се укнижија 134.064 нови случаи. Порастот се должи на фактот што короната освојува нови пазари. Сумарно, денес имаме над 6,3 милиони случаи и преку 380.000 фатални исходи. Над четвртина од тоа се во САД но географијата на болеста брзо се менува и нови хот-спотови се Латинска Америка, Блискиот исток, Африка.

Само делумно, зад зголемениот број на новорегистрирани стои подобрување на програмите за тестирање. Но, во многу места се чини дека короната допрва доаѓа и тоа во најголема кондиција.

Ова се поголемите земји во кои бројот на новозаразени се дуплира на секои две-три недели:

Во најголемата земја во Латинска Америка, Бразил, жртвениот биланс помина 30К. Во вторникот имаа 1.262 смртни случаи, рекорден број до сега. Нивниот претседател кој е упорен во намерата да ја минимизира опасноста изјави „Жалиме за сите што починаа ама умирањето е сечија судбина.“ За неполн месец Болсонаро набрка двајца министри за здравство бидејќи не го споделуваа неговиот ентузијазам околу хидроксихлорокинот. Среде офанзивата на вирусот,. се донесе одлука за отворање на дуќаните во поголемите градови како Рио де Женеиро, Манаус и Виторија. 

Перу има преку 170.000 случаи на коронавирус иако рано почнаа со мерките и карантините. Иако официјалните бројки на починати е околу 5.000, овој мај во Перу починале 14.000 луѓе повеќе отколку просекот за овој месец. Од Лима се бега како од Скопје пред карантин; со коли и автобуси, па дури и пешки, луѓето го напуштаат градот и одат по селата кај што имаат свои луѓе.

Со месеци се чинеше дека најбројната арапска земја, Египет, успева да ја избегне бељата. Во март имаа само 45 случаи и тоа капсулирани во еден брод кој пловел по Нил. Неделава ја завршуваат со 27.536 случаи. Смртта на еден млад лекар ги збесна здравствените работници кои ја обвинија владата дека ги оставила и технички и материјално неспремни за навалицата на пациенти. 

Со 35.000 случаи. Јужна Африка е рекордер на континентот иако имаа строги рестрикции кои вклучуваа дури и забрана на продажба на алкохол и цигари.

Бангладеш има 55.000 заболени и таму проблемите се комплицираа со циклонот Амфан кој направи пуздер во местата кои беа под карантин. Особено голема потенцијална опасност се стотиците илјади Рохинџи кои избегаа од Мијанмар и живеат во густо збиени кампови. А веќе се појавил смртен случај меѓу тие луѓе..  

Земјите во кои расте бројот на новозаразени се овие:

 

кликни за поголема слика:
кликни за поголема слика:

 

5 јуни 2020 - 11:16