Од Фајзер и Бионтек објаснуваат дека две дози од вакцината против омикрон резултирале со значително понизок број на антитела, меѓутоа и понатаму можеле да спречат сериозно заболување.
„Првата линија на одбраната, со две дози на вакцина, може да биде компромитирана па потребни се три дози од вакцината за да се врати заштитата,“ објаснува главната научничка на германската Бионтек, Озлем Туерчи.
Во примероците крв на кои е тестирано, трите вакцини го неутрализирале омикрон со иста ефикасност како што двете дози го неутрализирале оригиналниот вирус од Кина.
Двете компании изјавиле дека до март 2022 ќе можат да ја испорачаат апгрејдираната верзија на вакцината која го таргетира конкретно Омикрон.
Првиот човек на Бионтек, Угур Сахин, порачал дека државите треба да размислат за намалување на периодот меѓу втората и третата доза од вакцината за побрзо да се справат со новата варијанта. Односно од сегашните 6 месеци разлика меѓу втората доза и засилувачот, периодот да се намали на 3 месеци, „за да се обезбеди подобро ниво на заштита во зимската сезона“.
Кога на 26 ноември СЗО го класификуваше омикрон како нова варијанта, порача дека не постојат докази кои ја поддржуваат потребата од создавање на нови вакцини конкретно наменети за справување со оваа варијанта и нејзините мутации.
Фајзер за 2022 планира производство на 4 милијарди вакцини против ковид, и ова нема да се промени доколку е неопходна адаптација на „рецептот“ за омикрон. Сахин објасни дека тие во март би имале верзија која се фокусира на омикрон меѓутоа таа нема да биде масовно достапна и првата пратка би била меѓу 25 и 75 милиони дози.
Во независна студија на Универзитетската болница во Франкфурт се покажало дека способноста да се активираат антителата за одбрана од омикрон кај лицата кои сега имаат три дози вакцина од Фајзер била 37 пати пониска отколку од делта.
Реакцијата на антителата на омикрон половина година по две дози од Фајзер, Модерна или комбинација од Астразенека/Фајзер речиси и да не постоела.