За луѓе со едно многу конкретно нетрпение кон другите

Станува збор за една неодамна дијагностицирана состојба, од која страдаат мал број на луѓе, и која има многу мала но пркосна заедница на научници кои ја изучуваат - мизофонија – наплив на гнев од звукот на џвакање храна.

Кога прв пат ја чита дефиницијата за мизофонија авторката на текстот за Слејт, Меган Картврајт, не и се верува дека има и други луѓе кои ја имаат истата состојба.

Таа ја анализира масовната база на податоци на Националната библиотека за медицина, и во неа открива само 26 студии на темата. За споредба, за депресија има стотици илјади студии.

Една од студиите е на докторантка од Универзитетот Калифорнија, Сан Диего, која во 2011-та ја контактираат од групата за поддршка на луѓе со мизофонија.

"Во ова време никој немаше чуено за ова пореметување," објаснува Мирен Еделстин.

Таа прави студија со 11 волонтери од групата за поддршка. Секој од нив имал интензивна реакција на "џвакање и звуци од уста" кои доаѓаат од возрасни. Кога истиот експеримент го прави на две нови групи (едни со, едни без мизофонија) и двете групи реагираат негативно, со тоа што луѓето со мизофонија реагираат далеку поостро. Нејзина претпоставка е дека можеби тие имаат невообичаено силни неврални врски меѓу деловите за обработка на звук во мозокот и нивните екстремитети.

Волонтерите се свесни дека нивната агресивна реакција е претерана, и тие и објаснуваат на Еделстин дека развиле механизми за справување со ова, како - напуштање на просторијата, избегнување вакви ситуации, ставање слушалки и слично.

Во студија од 2014-та, 20% од испитаниците пријавиле клинички значителни симптоми на мизофонија. Под значителни опфаќаат "екстремна реакција на навистина избрана група на звучни стимулации". Избраната група стимулации се звуци на џвакање слични како оние опишани во студијата на Еделстин.

Според човекот кој во 2001-ва го создаде терминот мизофонија, Павел Јастребов, состојбата не е вродена, туку станува збор за изградена навика. Односно нешто што на почетокот само им пречело, со тек на време само прогресирало на полошо и почнало да предизвикува агресивни реакции кај пациентите.

Иако кај луѓето што го имаат проблемот ова најчесто се манифестира со наплив на крајно фокусирана желба насилство, има одредени случаи на пациенти кои се изолирале од околината, станале депресивни или почнале да размислуваат за самоубиство.

20 август 2015 - 12:05