СЗО: Ковид-19 моментално побрзо се шири во Европа отколку во пикот во март

Бројот на случаи што се пријавуваат во Европа на неделно ниво се повисоки отколку првиот пик што пандемијата го имаше во март, предупредува Светската здравствена организација.

Минатата недела Европа пријави над 300.000 нови случаи на ковид-19, додека во пикот на крајот од март за една недела има околу 264.000.

Во исто време повеќе од половина од европските држави пријавиле над 10-процентен раст на нови случаи во изминатите две недели. Меѓу овие има и 7 држави во кои бројот на новозаразени е зголемен за два пати.

Иако ваквата споредба не е најточна бидејќи сега има далеку повеќе тестирање отколку во март, СЗО предупредува дека бројките сепак се алармантни.

„Пролетта и на почетокот од летото, ние го видовме влијанието на строгите мерки за изолација. Нашите напори, нашите жртви се исплатеа. Во јуни бројот на случаи падна на најниско ниво.

Бројот на случаи во септември треба да ни служи како освестување на сите нас,“ изјавил регионалниот директор на СЗО за Европа, др. Ханс Клуџ.

Свесен дека светот и Европа живеат под опсада повеќе од 6 месеци, Клуџ предупредува на „ковид замореност“ на јавноста.

„Заморот е очекуван и природна реакција на вака долготрајна здравствена криза, која значително влијаеше на секојдневниот живот на сите.

Сфаќањето на тоа кој е заморен и пречките и мотивите што ги имаат во преземање на мерки за заштита дозволува да се поделат и скројат мерки за оние на кои најмногу им требаат, и се базираат на потребите на конкретни популациски групи.

До каде ќе стигне пандемијата зависи од сите нас. Ние претходно ја победивме и можеме повторно да ја покориме,“ порачал директорот.

Иако некои европски држави одлучија да го скратат периодот на карантин (во Франција е 7, во Британија е 10 дена), СЗО објави дека остануваат на препораката за цели 2 недели.

17 септември 2020 - 14:54