Со мала плата, секако пушиш

Јер овдешнава влада е страшно ревносна во битката против пушењето (истовремено во нашиот Апсурдистан се субвенционира производството на тутун), еве еден фин и научно валидизиран пристап кон решавање на проблемот: покачете им плати на луѓето кои ги контролирате. Или тие ако пушат? 

Студија објавена во Анали на епидемиологија утврдила постоење врска меѓу пушачките навики и висината на платата. Лонгитудинална студија (истражувачка техника за следење податоци од иста мостра на подолг рок, главно со децении) на национално ниво на САД помогнала да се утврди статистички модел по кој висината на платата е поврзана со пушењето.

Бил следени лица од 21 до 65 години години, целосно вработени, од сите раси и образовни нивоа, од обата пола.

Врска меѓу двете варијабли постои и на општо ниво, а особено кај некои групи, какви што се мажи, со средно образование или помалку. Минималните приходи се нездрави и за оние кои претходно престанале да пушат.

Студијата извадила и конкретни бројки: во просек 10 процентно зголемување на платата води кон 5 процентно намалување на вкупната употреба на тутун а ги зголемува шансите за прекинување на навиката од 17 на 20 проценти.

Претпоставката зошто врската пари-цигари е особено силна кај оваа група, истражувачите ја бараат во можноста поголемите приходи да и "даваат тежина" на иднината. Со други зборови, што поубав ви изгледа животот, толку повеќе сте подготвени да направите нешто да го продолжите.

Платата е поважна за мажите бидејќи тие повеќе од жените ја поврзуваат неа со сопствената вредност. Личниот приход води кон поголема самодоверба а таа пак ги зголемува шансите некој да престане да пуши, вели водачот на проектот, заклучувајќи дека дури и мали покачувања на оние со минимални приходи можат да бодат корисни за јавното здравје.

 

4 септември 2015 - 11:28