Во 2014 самопрогласениот „мајстор хербалист“ (ко да е важно кој ќе те прогласи за мајстор хербалист) Тимоти Мороу почнува да го третира дијабетесот на 13-годишниот Едгар Лопез. Здравјето на момчето за кратко време се влошува, меѓутоа ништо од тоа не е доволно за родителите да го однесат детето на доктор. По некое време тоа доживува срцев удар и умира како резултат на компликациите од дијабетесот.
Мајката на Едгар, Марија, дознава за Мороу кога оди на еден од неговите семинари за тревки и алтернативна медицина. За време на судскиот процес против него таа објаснува дека Мороу го сметала за „бог“ во однос на тоа што го работел, и затоа му го доверува својот син.
Иако го носи Едгар и на доктор за редовни прегледи и му дава инсулин на детето, Марија со тек на време престанува со тоа како што Мороу почнува да и' ги натура своите хербални производи.
Како што состојбата на Едгар се влошува, Мороу на мајката и објаснува дека болката и губењето килажа на синот не се симптоми на болеста, туку дека тој бил пред значителен напредок во здравстевнта состојба кој меинстрим лекарствата не можеле да го испорачаат.
Мороу не само што ја уверува мајката дека нема никаква опасност по животот на Едгар, туку и и' ветува дека трајно ќе му го излечи дијабетесот.
Во август 2014 состојбата на Едгар станува критична, како што може да стане состојба на човек со дијабетес на кого си му го укинал инсулинот и го мачкаш со лаванда. Едгар престанува да јаде, очите му се фиксираат на едно место, кожата му е ладна и едвај дише. Во овој стадиум Мороу пак доаѓа дома за да го третира малиот.
Кратко пред смртта на Едгар, Мороу на родителите им инсистира да не му даваат инсулин, туку да му ги даваат производите што тој им ги продава.
Кога го приведуваат во станица, полицијата меѓу друго го прашува:
„Ти зошто мислиш дека умрел?“
На што Мороу одговара:
„Немам поим. Немам поим. Рекоа дека било срцев удар. Ама тој немаше срцев удар јас кога бев да го видам.“
За време на судењето, обвинителството приложува видеа од Мороу како на Јутјуб проповеда „туморот е твојот пријател, туморот е дар од Бога“; додека во друго порачува „инсулинот е многу отровен за вашиот систем“.
На крај Мороу за смртта на Едгар е осуден на само 4 месеци затвор, и треба да им плати 5.000 долари на родителите на малиот за покривање на погребните трошоци.
Родителите на Едгар, и покрај континуираната негрижа, не се осудени, ниту против нив е покренат случај за смртта на нивното дете.