Црните Американци во просек се помлади од белите, па сепак нивната стапка на смртност е 3,57 пати поголема отколку кај белците. Во статија објавена во The New England Journal of Medicine (Чокваниан/Рид) се вели дека нагласувањето на расните диспаритети без расветлување на нивните причини само по себе може да ги охрабри расистичките уверувања
„Ако сè што знаеме е дека таквите диспаритети постојат - а тоа навистина е единственото што го знаеме - бидете подготвени расистичките објаснувања да ја пополнат празнината.“
Авторскиот тандем нотира три деструктивни тенденции на оваа тема.
Првата е да се претпоставува дека зад фактот што црнците повеќе умираат под белцитге стои биологијата или генетиката. За тоа не постојат никакви податоци и докази ама затоа искушенијата да се верува во такви работи се епидемијски.
„Не, разликите не се должат на суптилни биолошки разлики. Кога ќе фрлите наковална врз нечија нога, таа ќе се скрши без разлика дали е црна или бела,“ недвосмислено порачува Кери Грос, истражувач од Јејл.
Втроата тенденција е разликите во бројките да се објаснуваат со културолошки поими и наводно вродениот инстинкт за непочитување на регулативите а како трето, се наметнува впечатокот дека главните општествени проблеми се од расна природа.
За уверливо да се објасни реалноста не е доволно само да се нагласи колку има црнци а колку белци меѓу жртвите. Потребни се уште многу податоци на таа тема, а такви податоци засега нема.
Во САД е можно некои разлики да се објаснат со историскиот развој на американската нација, проблемите со расизмот, сегрегацијата, нееднаквоста. Но, тој контекст не помага за други простори.
Ако сте Белгиец и имате ковид-19, шансите за преживување се многу лоши. Досега почина еден од секои шест Белгијци кои го закачија вирусот. Ама затоа пак, ако сте во Руанда, поранешна белгиска колонија која има 60 пати помал БДП од Белгија, шансите се одлични. Руанда има пријавено вкупно 399 случаи на ковид-19 и ниеден човек нема умрено. Луѓето во Руанда се помлади од Белгијците ама сепак, онаа нула е доста јака бројка.
Чудна е и Швајцарија, земја со супериорен здравствен систем. Таму франкофонските Швајцарци имаат 1,6 пати поголеми шанси да умрат отколку оние кои говорат германски. А на Швајцарците со италијански јазик шансите за умирачка им се 2,4 пати поголеми од сонародниците на кои мајчин јазик им е германскиот.
Диспаритетите овде се слични на оние меѓу латино, белците и црнците во САД иако Швајцарија нема историја на робови кои зборувале италијански. Не се ни парите ни стандардот во прашање бидејќи главниот италијански кантон по БПД е високо седми од 26-те кантони. Некој може да се обиде во објаснувањето да ја вметне географската блискост на Швајцарците кои зборуваат итлаијански со смртоносната северна Италија. Но тоа би можело да ја објасни раширеноста на заразата меѓу нив, но не и нивото на смртност. Зошто Швајцарец со мајчин италијански би умирал 2,4 пати почесто од оној кој зборува германски?
„До сега една работа треба да е јасна: немаме поим што се случува,“ пишува Граем Вуд во Атлантик за тоа дека има нешто што го тера вирусот да ги поштедува луѓето во Руанда, Швајцарците кои зборуваат германски и белците во Америка, а истовремено да ги тероризира Белгијците, Швајцарците кои зборуваат италијански и американските црнци.
И наместо некого да демонизираме, да помислиме како им е на вториве.