„Чувството е како сите што ги знам да имаат ковид,“ пишува професорот на Џонс Хопкинс Универзитетот, Јаша Моунк.
Тој објаснува како во првите бранови на пандемијата најголем дел од неговите пријатели како да биле поштедени од директен контакт со вирусот. Или затоа што биле попретпазливи или затоа што повеќе имале среќа. Пред некое време седум негови блиски пријатели му кажуваат дека се позитивни на ковид, а уште неколку сметаат дека се позитивни ама не можат да најдат тестови. Доброто во сето ова е што сите имаат умерени симптоми.
Тоа што се случува со неговите пријатели, Моунк гледа дека е идентично со она што се случува во Јужна Африка, од каде потекнува омикрон варијанта - бројот на нови заболени скокна, ама бројот на починати од вирусот „многу, многу поспоро расте“.
„Може да имаме неколку месеци релативно млака болест пред омикрон да го снема. Или може да преживееме уште еден експоненцијален скок на хоспитализации и смртни случаи.
А сепак се кладам кој пат и да го фати омикрон - или идните варијанти на болеста - ние сме пред крајот на пандемијата како општествен феномен,“ порачува Моунк.
Овие речиси 2 години паралелно со непрекинатата борба против ковид-19, се води и битка за и против маски, за и против карантин, за и против вакцини. Меѓутоа последниве месеци полека се случува поместување на фронтовските линии, па и покрај бројките се помалку политичари предлагаат или па воопшто зборуваат за масовни затворања на цели држави како што тоа беше на почетокот од пандемијата.
„Апетитот за карантирање на населението и други масовни општествени интервенции едноставно веќе не постои. Ова значи дека во пракса се имаме откажано од ’забавување на ширењето’ и ’рамнење на кривата’.
Многу повеќе отколку во претходните бранови, ние тивко решивме да кренеме раце,“ пишува Моунк.
Мерките што администрацијата на Бајден сега ги презема, а презема, Моунк ги опишува како „мерки од сферата на адаптирањето“:
„Целта е да ни се помогне да се справиме со растот на случаи, а не да спречиме тој воопшто да се случи.“
За ова да се промени, треба да се случи апокалиптично сценарио, пример десетици илјади луѓе да завршат во болница заради омикрон, и комплетниот здравствен систем на САД да биде пред крах. Меѓутоа доколку нема таков настан, ќе се продолжи со „одржување на ситуацијата“, а не со борба за целосно сузбивање на вирусот како што беше на почетокот.
„Научниците имаат свој начин за одлучување кога завршила пандемијата. Меѓутоа еден корисен општествено-научен маркер е кога луѓето ќе се научат да живеат со постојното присуство на одреден патоген. По оваа дефиниција, масовниот број на заразени од омикрон кој моментално крстари низ бројни развиени држави без предизвикување на ништо повеќе од млитава реакција на истото, го обележува крајот на пандемијата,“ смета Моунк.
Тоа што и на него не му е јасно е дали „новата нормала“ значи дека болеста претставува помал ризик, или дека луѓето ќе го игнорираат ковид дури и кога тој продолжува да убива стотици илјади луѓе низ светот.
„Каква штета и да нанесе омикрон во скора иднина, ние, најверојатно, наскоро ќе почнеме да водиме животи кои многу повеќе наликуваат на животот од пролетта 2019 отколку од пролетта 2020,“ порачува Моунк.