Дијагнози на хиперактивност и дефицит на концентрација (attention deficit hyperactivity disorder) денес има 30% повеќе отколку пред две децении. Се чини дека денес е доволно дете на 2-3 години да не може да седи мирно подолго време во градинка за да се дигне узбуна, да биде пратено на евалуација и да му се одреди повеќегодишна терапија.
Димитри Кристакис тврди дека комплетно ја утињаме. Тој е професор по педијатрија на Универзитетот во Вашингтон и порачува докторите, родители, претшколските и школските установи да ја преиспитаат медикаментозната рамка на третирање проблеми со вниманието.
"ADHD како дијагноза им нанесува штета на децата," порачува Кристакис.
Еве зошто:
Истражувачите во моментов дебатираат за природата на ADHD. Имаат најдено извесни генетски маркери за пореметувањето но зголемениот број дијагнози во толку краток период не би можеле да се објаснат со генетски промени. Истовремено научниците откриваат и некои патерни во мозочните активности карактеристични за оваа состојба.
Па сепак, главниот метод за утврдување на ADHD е - прашалник. Тој им се дава на лекари и родители и ако тие идентификуваат 6 од 9 специфични однесување, на детето официјално му се лепи дијагноза ADHD.
Целиот тој процес е крајно субјективен и наместо тоа, според Кристакис, треба да се обрне внимание на еден покомплексен спектар наречен капацитет за внимание.
На една страна на тој дијапазон би биле ликови како Томас Алва Едисон ("Генијалец е 1 процент талент, 99 проценти потење") кои умеат со месеци да бидат фокусирани на еден проблем, а на друга, оние со тешки пореметувања во концентрацијата.
А капацитетот за внимание не е зададеност туку нешто на чие јакнење може да се работи, со забава, игра, песни и други активности, порачува педијатарот.