Ти ме лажеш најбоље...

Не само да бутате суплементи и витамини од шишиња

Со над 90.000 различни видови витамински и прехранбени суплементи, и 52% од Американците како потенцијални купувачи, суплементите се 30 милијарди долари вредна индустрија во САД, и се додека не кажеш дека нешто е лек можеш речиси што сакаш да продаваш и рекламираш.

„Дали сме поздрави, попаметни, посилни, или на кој било начин подобри заради дневните дози?

Одговорот најверојатно е не. За најголемиот дел од суплементите има малку или воопшто нема цврсти податоци кои потврдуваат дека тие се ефикасни, а да не зборуваме за безбедни.

Тие најчесто се потпираат на незначајни истражувања врз глодари и епрувети или мал број на луѓе. А индустријата е преполна со ширење возбуда и посакувано размислување околу резултатите - дури и доказите за мулти-витамините не се цврсти. Исто така има и директни смртоносни измами. Плус, индустрија функционира без речиси никаков надзор,“ пишува Бет Мол во анализата на Арс техника.

Главната американска агенција за надзор на храна и лекови воопшто нема овластување да ги проверува суплементите, ни дали се ефикасни, ни дали се безбедни, што во пракса значи дека производите по рафтовите може воопшто да не го содржат тоа што го пишува на нив, или пак секоја серија да има различен сооднос на суплементи, или да содржат недозволени состојки како амфетамини.

Мол потсетува дека двајца експерти за превентивна медицина од Харвард, Џо Ен Менсон и Шари Басук, неодамна објавија краток водич за ефикасни суплементи. Тие на кратко (и јасно) објаснуваат кои суплементи се ефикасни и во кое доба.

Што треба да се зема

Мол прво нагласува дека најздраво е витамините и минералите да се земаат преку храна како дел од здрава исхрана, бидејќи така подобро се апсорбираат и се присутни во оптимални количини, наспроти концентрираните количини во пилулите или прашоците.


- За здрави средовечни и стари луѓе

Витамин Б12 - ако си над 50 години. На оваа возраст повеќе не можеш адекватно да го апсорбираш Б12 од храна. Суплемент може да ја надополни разликата до препорачаната граница од 2,4 микрограми на ден.

Витамин Д - со годините кожата и бубрезите стануваат помалку ефикасни во создавање и преработка на витамин Д. Моменталната дневна препорака за витамин Д е 600 ИУ на ден за луѓе до 70 години и 800 ИУ на ден за постарите.

Калциум - можеби. И тука станува збор за намалување на апсорпцијата во текот на годините. Моментално препорачаните дози на калциум се: 1.000 милиграми на ден за мажи од 51 до 70 години; 1.200 милиграми на ден за жени на возраст од 51 до 70 години и сите останати на возраст над 70 години. Претерување со калциум може да доведе до запек.

Мултивитамините не се препорачуваат за лицата што се генерално здрави, бидејќи нема никаков доказ дека имаат каква било корист од нив.


- За луѓе со медицински проблеми

Различните лекови, прехранбени ограничувања и одредени состојби ја пореметуваат количината на хранливи состојки што ја апсорбираш.


- За трудници

Менсон и Басук пишуваат дека „има јасни докази“ дека жените кои само што затруднеле или се во првото тромесечје треба да земаат доволно фолна киселина (0,4 до 0,8 милиграми на ден). Врз основа на епидемиолошки податоци, ова спречува дефекти кај ембрионот во делот од кој подоцна се развиваат мозокот и ’рбетниот мозок.

Иако фолната киселина ја има во голем број јадења, таа е една од ретките состојки која подобро се апсорбира од суплементи.

За земање омега 3, витамин Д и мулти-витамини има малку докази дека значително го подобруваат здравјето на мајката и плодот.


- За здрави деца и бебиња

Како и за здрави возрасни, така и децата немаат потреба од мултивитамини и треба да се избегнуваат високи дози на поединечни микронутриенти. Неодамна истражувања покажаа дека омега 3 мастите го надополнуваат лечењето на хиперактивност и аутизам, меѓутоа нема доволно цврсти податоци зад ваквите заклучоци.

Американската академија на педијатри препорачува бебињата кои се дојат да добиваат суплемент за витамин Д, и суплемент за железо, две состојки што не се доволно застапени во мајчиното млеко. Формулата обично има доволно од овие состојки.


Што не треба да се зема

Три категории на суплементи кои имаат насобрано најмногу гнев од експертите и Агенцијата за контрола на храна и лекови (ФДА) се за:

- слабеење

- подобрување на сексуалните функции

- спортски перформанси и создавање мускули

Во овие три групи има најмногу сомнителни состојки, непотврдени ефекти и ненаведени супстанции.

Во студија од 2014 тестирани се 21 „целосно природни“ додатоци на исхрана, дел од кои се рекламираат дека се за слабеење, од кои 9 содржат не-природни соединенија налик амфетамини.

ФДА објави и сеопфатна изјава за ризиците на сите можни боди-билдинг суплементи, во која пишува дека „голем број од нив воопшто не се прехранбени суплементи, нелегално се рекламираат, и содржат нови лекарства кои не се одобрени.“


Остатокот

„Меѓу витамините на кои може да им верувате и сомнителните пилули за слабеење, постојат илјадници други соединенија, капсули, екстракти, еликсири и напитоци кои наводно имаат најразлични здравствени бенефити. За најголемиот дел од нив има многу малку податоци за да се докаже нивната безбедност или да се потврдат нивните здравствени бенефити,“ објаснува Мол.

21 февруари 2018 - 13:38