ПВА (People’s Vaccine Alliance) прави анкета во која две-третини од анкетираните доктори и научници, изјавуваат дека светот има една година или помалку пред сегашните вакцини да станат излишни. За една-третина рокот е 9 месеци или помалку.
За 88% од испитаниците проблем е и тоа што константната ниска вакцинираност во голем број држави ќе ја зголеми веројатноста од појавување на мутации отпорни на вакцини.
„Нови мутации се појавуваат секој ден. Некогаш тие се со промена која ги прави поспособни од своите претходници. Овие варијанти се пренесуваат поефикасно и потенцијално го избегнуваат имунитетниот одговор што ги поразувал претходниците.
Освен ако не го вакцинираме светот, оставаме отворен простор за се повеќе и повеќе мутации кои ќе можат да вадат варијанти способни да ги избегнат нашите сегашни вакцини, и за нив ќе бидат потребни нови вакцини за елиминирање,“ објаснува професорот по епидемиологија на Универзитетот Јеил, Грег Гонсалвес.
Од сегашните вакцини, само оние на Фајзер/Бионтек и на Модерна се на база на мРНК, што дозволува тие брзо (недели до месеци) да бидат адаптирани за справување со нови варијанти, но главен проблем останува брзината на производство.
Дополнителна слабост е што тие се тешко достапни за сиромашните држави, бидејќи чинат повеќе и се потешки за одржување.
Иако главната заштита против вирусот и сите негови понапредни варијанти е вакцинацијата на глобалното население, има држави (кхм!) кои се уште немаат вакцинирано со 1 доза ниту 1% од населението.
„Имаме богати нации кои ќе ги вакцинираат сите возрасни до почетокот на летово, а во исто време го имаме и Ковакс чиј таргет е 27% до крајот на годината ако успеат,“ објаснува Макс Лосон, првиот човек за нерамноправни политики на Оксфам и претседател на ПВА, кој бара од производители отворено да ја споделат својата технологија и интелектуална сопственост за да се унапреди глобалното производство на вакцини.