Можете ли да се замислите на плажа?

Иако има луѓе кои само тоа и го прават, особено додека се на работа, за еден во 50 луѓе тоа е невозможна мисија. Може да замислите да не можете да замислите?

Со напредокот на медицината како постојано да искрснуваат синдроми и нарушувања за кои не сме можеле ни да замислиме дека постојат. Токму она што го подразбира афантазијата - новодефинирана состојба која опишува луѓе на кои им фали „умствено око".

Некои од луѓето со ваков синдром велат дека имаат проблем да се присетат на лицата на нивните партнери или на оние на починатите роднини. Други дека ваквата состојба ги спречува да одберат професии поврзани со архитектура или дизајн, бидејќи не можат да го визуелизираат крајниот изглед на објектот или производот. На трети едноставно им е криво што додека се препотуваат во канцеларија не можат да си замислат како си ги брчкаат нозете во море. Се смета дека еден од педесет луѓе можат да имаат афантазија, иако не сите и „страдаат" од неа.

Еден од нив, на пример, сфатил дека нешто не е во ред кога како лек против несоница му било препорачано да брои овци.

„Прво мислев дека тоа го мислат фигуративно. Ја вртев главата за да гледам невидливи овци како прелетуваат низ собата. Со години пребарував информации во врска со мојата состојба и ништо не наоѓав. Сега сум барем среќен што таа е дефинирана и се истражува", изјавил тој по повод објавувањето на резултати од најнова студија на оваа тема во списанието Кортекс.

Всушност, првите описи на ваквите состојби датираат од 1880-тите, и тогаш тие им се припишувале на големи мозочни оштетувања. Но освен повремени споменувања во невролошката литература, до сега ним не им било посветено доволно внимание. Новите напори во оваа смисла се надеж за сите оние кои до сега се чувствувале осамени во својот проблем.

Еден од интересните нови заклучоци е дека афантазичарите гледаат ментални слики во соништата, но не успеваат да создадат такви кога намерно и свесно се обидуваат да го сторат тоа. Кога некој со афантазија ќе рече „се сеќавам на..", тој нема слика во главата на нешто што се случило, туку се обидува да го реконструира споменот врз основа на факти. Еден од нив го објаснува процесот на следниов начин: „Окото на умот е платно, а невроните работат заеднички за да проектираат нешта на него. Кај мене невроните се во ред, но го немам платното".

3 септември 2015 - 15:31