Се работи за нови насоки од Светската здравствена организација кои „обележуваат значителна промена од сегашните протоколи за прерано родени бебиња и претходни совети од О.Н.“ Новите насоки се посебно важни за породувањата во областите кои имаат недоволен пристап до технологија и општо струја.
„Овие насоки покажуваат дека подобрувањето на исходот за овие мали бебиња не секогаш зависи од највисоко-технолошките решенија,“ порачал првиот човек на СЗО, Тедрос Аданом Гебрејсус.
Насоките на СЗО важат за сите бебиња родени пред 37-та недела од бременоста или бебиња родени под 2,5 килограми. Исклучок од правилата се бебињата на кои им треба поддршка во дишење, механичка вентилација или се во шок.
Таканаречената „кенгур нега“ подразбира замотување на бебињата во појас (марама) околу мајката, голо на голо, наместо нивно одвојување од родителот веднаш по породувањето. Прерано родените бебиња најчесто имаат недостаток на телесни масти и не можат да ја регулираат својата температура или дишење. Ова до сега се решаваше со оставање во инкубатор меѓу 3 и 7 дена.
Истражувањето на кое се повикува СЗО покажало дека започнување веднаш со кенгур негата надополнето со доење, наместо чекање бебето да биде стабилно, би можело да спаси до 150.000 животи годишно.