Како до појак имунитет: со прележување или со бустер вакцина?

Пред година дена, дилемата прележување или вакцина беше бааги еретичка. Сега не почнуваме од нула па може да се прелистаат некои опции, иако, со оваа болештија, постојат многу малку константи. Со исклучок на онаа дека мерките и не-мерките кои ги спроведува нашата влада се константно фушерски и идиотски. Караџовски, не е смешно.

„Можеме сами себе да се закопаме во дупка во која ќе веруваме дека единствен начин да се спасиме од ковид е секоја година да го засилуваме имунитетот со дополнителна вакцина,“ вели за BBC имунологот од Единбра, професорката Еленор Рајли.

Од друга страна, советникот за вакцини на британската влада, професор Адам Фин потсетува дека да се пре-вакцинираат луѓе кога во големи делови на светот и натаму нема доволно достапни вакцини е глупо и лудо.

Анатомија на имунитетот

Моќната двојка која го чисти организмот од инфекции се антителата и т-клетките. Првите се закачуваат на површината на вирусот и го маркираат за ништење. Т-клетките знаат да регистрираат кои од нашите клетки се киднапирани од вирусот за да ги уништат.

Вирусот кој ни направи толку белји всушност функционира фасцинантно едноставно. Клучен е фамозниот шилест протеин кој ги отвора портите од нашите клетки. Тука се уште 28 протеини кои му се потребни да освои клетка и да направи илјадници копии од себе. За споредба, за да функционира човечкиот организам, во игра се 20.000 протеини.

Постојат четири клучни области за споредба меѓу вакцината и природната инфекција со вирус, пишувa BBC.

Широчина

Се добива поширока имуно реакција после заразување отколку после вакцина. Без разлика за која вакцина се работи, телото учи да забележува само еден непријател - шилестиот протеин. Но, во игра се уште 28 протеини.

„Тоа значи дека ако прележите сериозна инфекција, веројатно имате поквалитетен имунитет во поглед на кои било нови варијанти кои ќе се појават бидејќи не сте опремени само за борба со шилецот.“

Сила

Постојат случаи на луѓе кои двапати закачиле ковид а и онакви кои го добиле после комплетната вакцинација (види: Некои се разболуваат и вакцинирани. Е добро, де.)

Во просек, после еден месец, нивоата на антитела се повисоки после вакцина отколку после прележување. Меѓутоа постои огромна разлика во присуството на антитела кај оние кои минале асимптоматски и оние кои сериозно се бореле со болеста.

Ниеден начин не дава комплетна заштита од вирусот но и обата начина даваат сериозна поштеда од комплицирано заболување.

Времетраење

Антителата опаѓаат со текот на времето но тоа не е пресудно за превенирање на жестоки форми на болеста. Имуниот систем го памти непријателот и начинот на борба со него (види: Ајде малку да си се тешиме околу имунитетот) . Постојат мемориски т-клетки кои остануваат во телото а б-клетките се научени, на барање, веднаш да произведат армија нови антитела. Бидејќи и болеста и вакцините се нови, за времетраењето и натаму се чекаат подоверливи податоци.

Локација

Каде во телото е имунитетот? Важно прашање. Постои сет антитела (имуноглобин А) во носот и белите дробови, кој е различен од имуноглобинот Г кој го мериме преку крвта. Веројатно е исклучително добро да се имаат оние во носот и дробовите бидејќи вирусот, кој и натаму го има околу нас, ќе влезе од таму, а не од рамото на кое сме вакцинирани.  

Секој пат кога ќе бидеме изложени на вирусот, нашиот имун систем станува посилен и тоа продолжува до староста кога имуниот систем генерално слабее и инфекциите повторно стануваат проблем.

„Не е докажано, меѓутоа може да е многу поевтино и поедноставно да дозволиме тоа да се случи отколку постојано одново да ги имунизираме луѓето,“ вели професорот Фин, предупредувајќи дека можеме да заглавиме во маѓепсан круг на бустер вакцинирање, без да знаеме дали тоа навистина било неопходно.

23 август 2021 - 08:29