Во моментов илјадници јадници кои се сметаат за најтешки случаи на ковид-19 се наоѓаат на одделите за интензивна нега по болниците во светот, седатирани и приклучени на апарати, меѓу другото и на оној за вештачко дишење. Во најдоброто сценарио, оваа напредна техника на модерната медицина ќе им помогне да останат живи. Но, за преживеаните тоа ќе биде само почеток на еден долг процес на опоравување кој ќе трае и кога пандемијата ќе заврши а некои од нив ќе мораат да живеат со многу подолготрајни последици.
Од причини кои не се докрај познати, некои пациенти развиваат нешто што се нарекува синдром на пост-интензивна нега што е една збирштина од физички, когнитивни и психолошки проблеми.
- 1 од 10 пациенти имаат пост-трауматски стрес синдром.
- 30% доживуваат депресија.
- 30% имаат симптоми на анксиозност.
- 40 проценти имаат когнитивно пореметување и умерени мозочни повреди.
„Од прва не помислуваме дека проблеми со бели дробови можат да имаат последици врз мозокот, но комбинацијата на соочување со смртта, анестезијата и феноменот наречен делириум на интензивната нега кој најверојатно доаѓа од седативите, можат да имаат долгорочни последици,“ вели Џејмс Џексон, директор на еден центар за рехабилитација на Универзитетот Вабдербилт.
Користењето големи дози седативи е неопходно за многу пациенти на интензивна, особено за оние со ковид-19 кои треба да бидат ставени на респиратор. Тоа подразбира пикање црево преку грло до горниот дел на градите, нешто што свесен пациент инстинктивно го тера на одбрана.
„Да ви објаснам, ако ви пикнат црево низ грло и тоа не ви пречи, тогаш нешто не е во ред со вас“, објаснува пулмолог од Универзитетот во Чикаго.
Згора на тоа, многу ковид-19 пациенти доживуваат нешто што личи на респираторен колапс поради тоа што апаратот пафка кратки и брзи дози кислород, што е крајно неприродно бидејќи човек е навикнат подлабоко да зема воздух. Затоа докторите се принудени да користат моќни дроги како пропофол и фентанил па дури и тогаш пациентите се обидуваат панично да ги искорнат цревата од себе па мора да бидат врзувани.
Сите овие доживеани моменти се вистински трауматични моменти кои можат да ги зашмелцуваат емотивните спојки во мозокот и да водат кон ПТСД и други белји. А дрогите од анестезијата ја пореметуваат хемијата на мозокот. Сите овие фактори, заедно со прекинатите спиења, зголемената температура, недостатокот од кислород и отровите кои доаѓаат од бубрезите и црниот дроб се делови од критичната фаза на болеста кои можат да имаат психолошки и когнитивни последици кои траат со години после преживувањето.