Американската претставничка во СТО ваквата промена на позицијата ја објасни со „извонредни времиња бараат извонредни мерки,“ дополнувајќи дека ќе биде потребно време за членките на организацијата да постигнат консензус на темата.
На оваа одлука претходеше кампања од американски лобисти, невладини организации и дел од демократите во Конгресот. Индија и Јужна Африка беа предводници на групата од околу 60 држави кои изминативе 6 месеци бараа привремено укинување на патентите за вакцините.
До сега, последен пат во март, нивна најголема опозиција беа токму САД, Британија и ЕУ, кои ги блокираа преговорите меѓу СТО и Индија и Јужна Африка.
Аргументот на овие за паузирање на интелектуалната сопственост е дека тоа ќе дозволи ем зголемено производство на вакцини низ светот, ем ќе обезбеди поевтини вакцини за сиромашните држави. Според нив, почитувањето на патентите се главната пречка за значително зголемување на производството.
Минатиот месец првиот човек на СТО, Нгози Оконџо - Ивеала, изјави дека ако производителите на вакцини и понатаму не успеат да го снабдат светот, тие ќе мора да го споделат своето знаење со други.
Иако, приклучувањето на САД дава нова тежина на барањето, Британија и ЕУ и понатаму остануваат на својот став дека интелектуалната сопственост не треба да се споделува.
Фармецевтските гиганти се заканија дека евентуалното укинување на патентот околу вакцините ќе наштети на идната иновација и на откривање на нови вакцини за новите сорти на ковид-19.