Доста беше глумење дека хомеопатијата врши каква било работа

Англиската влада ќе разгледува дали хомеопатијата треба да биде ставена на црната листа на третмани кои на општите доктори во Англија им е забрането да ги препишуваат. Аргументот е дека пациентите не добиваат ништо повеќе од бескорисни зашеќерени таблети.

Кампањата против хомеопатијата е на Good Thinking Society, кои бараат таа да биде додадена на "Список 1", црна листа на лекови кои не може да бидат препишувани од општите доктори и тоа по две основи: 1. има поевтина алтернатива за нив, и 2. лекот не е ефикасен.

Откако Good Thinking Society се закани дека со случајот ќе одат на суд, правните советници на англиското министерство за здравство прифати министрите да одржат консултација на темата.

Расправата треба да се случи во 2016-та. Според официјални бројки, англискиот здравствен фонд годишно за хомеопатија покрива трошоци од околу 5,6 милиони евра.

Во најопшта смисла, хомеопатијата се базира на концептот дека разредување на супстанцата што ја предизвикала болеста може да се искористи за лечење на пациентот. На пример, полен или трева може да биде искористен за хомеопатски лек за алергија на поленов прав.

Формулата за добивање на лекот е следна: една единица од супстанцата се меша со 99 единици вода или алкохол. Потоа ова се повторува (без додавање на единицата од супстанцата што ја предизвикала болеста) уште 6 пати во "6c" формулацијата или 30 пати во "30c" формулацијата. Крајниот резултат од ова се комбинира со шеќерна таблета.

Според хомеопатите колку повеќе е разредена супстанцата толку е поголем ефектот, ем до сега имаат резултати кај пациентите. Според критичарите, пациентите не добиваат ништо освен шеќер.

Ставот на официјалните здравствени власти на Англија е дека: "не постои ниту еден доволно квалитетен доказ дека хомеопатијата е ефикасен третман за која било здравствена состојба."

16 ноември 2015 - 10:48