Забраната би била кулминација на неколкугодишното лобирање на група парламентарци кои се потпираат на тврдењето дека здравствените ефекти на хомеопатијата не се научно докажани.
А со парите кои од фондот одат за такви лекови здравствениот систем на земјата би можел да се засили со точно 239 високо-квалификувани сестри.
Ваква одлука сигурно би наишла на сериозен отпор со оглед на фактиот дека милиони Британци годишно бараат чаре за своите здравствени маки од хомеопатијата.
Таа е зачната уште во 1796 година од германскиот доктор Самуел Ханеман чија филозофија гласи "истото го лечи истото" односно дека екстремно мали дози од супстанцата која ја предизвикала болеста можат истата да ја излечат.
Хомеопатијата глобално е индустрија во подем. За последнава деценија на европскиот пазар има пораснато за 60%. Во САД околу 3,3 милиони Американци трошат 2,9 милијарди долари годишно на хомеопатски супстанци .
Веројатно најпопуларна е во Индија каде официјално е прогласена за еден од националните системи на медицината, со свој департмент во министерството за здравство.
Освен во Англија, на тенок терен е и во Австралија каде што Националниот совет за здравство излезе со негативен извештај за неа:
"Потпирајќи се на проценка на доказите за ефикасноста на хомеопатијата, ние не најдовме здравствени состојби кај кои е докажано дека таа делува," стои во австралискиот извештај. "Луѓето кои неа ја одбираат си го ставаат здравјето на ризик одбивајќи или одложувајќи ги третманите кои се докажани и проверени."