Загадувањето што доаѓа од трошењето на автомобилските гуми може да биде 1.000 пати полошо отколку загадувањето што доаѓа од ауспухот, открива истражувањето на Емишн аналитикс.
ЕА спроведуваат тест за трошење на гумите (популарно хечбек возило со нови и правилно напумпани гуми), во кој откриваат дека автомобилите ослободуваат 5,8 грама штетни честички на еден километар. Кај издувните гасови ова со закон е ограничено на 4,5 милиграма. Од организацијата порачуваат дека разликата може да и поголема ако гумите се недоволно напумпани, постари, ако патот е полош и.тн.
Штетните честички од гумите, вклучително и кочниците, се „многу сериозен и растечки проблем кој само е влошен од се поголемата популарност на големи возила како џипови, и растечката побарувачка за електрични возила, кои заради батериите се потешки од стандардните возила“ (заради што имаат и поголемо трошење на гумите и кочниците).
И покрај ова, загадувањето од трошењето на гумите е комплетно нерегулирано, за разлика од издувните гасови на чие намалување константно се работи. Ова загадување се води како НЕЕ (non-exhaust emissions) и ги опфаќа честичките што се испуштаат при трошење на кочниците, гумите, патиштата и кревањето прашина од патиштата при нивно користење од автомобилите.
Процената на Емишн аналитикс е дека 60% од ПМ2,5 и 73% од ПМ10 честичките се од НЕЕ, заради што и британската влада преку АКЕГ (Air Quality Expert Group) во извештајот за 2019 бара НЕЕ да почне да се идентификува како извор на ПМ честички. Ова би била сериозна промена, бидејќи на тој начин директно се задира во статусот на моделите кои до сега се водат како „возила со нула загадување“, пример електричните возила.