Властите во индиска Гоа неодамна изјавија дека саканата кокосова палма, најпопуларното дрво во регионот, ќе биде избришано од списокот дрвја кои се заштитени според некаков Закон за заштита на дрвјата од 1984.
Опозицијата и голем дел од населението реагираа бурно , особено „зелените" активисти, инспирирани од слично движење во 70-тите против уништувањето на шумите, кога активистите организирале демонстрации и гушкале кокосови дрвја.
И покрај протестите, владата си го истера своето, и сега за сечење кокосова палма не е потребна дозвола од Министерството за шумарство. Наместо тоа, таа спаѓа во дрвја кои можат индивидуално да се сечат доколку се стари и опасни, проценка која е подложна на манипулации.
„Ботанички, кокосовото дрво не е ни дрво затоа што нема гранки", изјавил министерот за животна околина Раџендра Арлекар, предизвикувајќи бура реакции од страна на ботанички експерти.
Крајната цел на владата е да им овозможи непречена работа на голем број инвеститори и индустриски проекти кои забрзано никнуваат на плантажите и на ридестите подрачја на државата, каде има многу вакви дрвја.
Формално, сечењето на стари и опасни дрвја е ограничено на два хектари годишно, но и тоа не се почитува, бидејќи потребите за градење се многу поголеми.
„Изгледа власта не сфаќа колку им е важно кокосовото дрво на Гоанците. Кога ќе дојдат да ги молат за гласови, тие веројатно ќе им искршат кокосови ореви од главите", изјавил еден активист.
Населението има дури 50 зборови за опишување на палмата, што е уште еден, овој пат лингвистички доказ за важноста на ова дрво/растение во нивната култура, со кое се врзани и различни ритуали.
Секој дел од дрвото има своја практична намена: од него се користи водата, се прават јажиња, метли и душеци, се добива кокосово масло, празните ореви се користеле како лажици и како материјал за изработка на уметнички предмети. Речиси секое домаќинство има насадено палма во дворот, а го сече само ако е апсолутно неопходно.