Ова е класичен мисловен експеримент, кој му се припишува на Достоевски. Тој во есејот „Зимски белешки за летни импресии" (објавен во 1863 во списанието Времја коешто тој самиот го основал), во пасус кој поттикнал илјадници тези од областа на психологијата, напишал: „Обидете се да се ставите на следново искушение: не мислете на поларна мечка, и ќе видите дека проклетото животно ќе ви паѓа на памет секоја минута".
Во клиничка смисла овој феномен - да ви биде кажано да потиснете некоја мисла, која неа ја прави уште поупорна - е наречена Ироничка процесна теорија. Прв кој вршел тестирања на оваа тема бил социјалниот психолог Даниел Вегнер, професор по психологија на Харвард и основач на истражувањето на мисловната супресија. Тој побарал од учесниците во тестот да го вербализираат нивниот тек на свеста во период од пет минути, а истовремено да не мислат на бела мечка. Во моментот кога би им дошла таква мисла, тие требало да сигнализираат со притискање на ѕвонче. Резултат - тоа се огласувало во просек еднаш на минута. Така се покажало дека ако некој ви каже да НЕ мислите на нешто, тоа значи дека со сигурност ќе помислите на тоа, само за да не го помислите.
До скоро ова прашање изгледаше затворено. Но нова студија на универзитетот Џонс Хопкинс, чиј раководител е Корбин Канингам, вели дека игнорирањето сепак може да се поттикне. Целта е да се подобри разграничувањето помеѓу важното и помалку важното, особено во професии каде тоа е клучно за ефикасноста. На пример ако радиолог разгледува некаква снимка тој мора да знае што бара (знак кој покажува постоење на одредена болест), но истовремено мора да знае која визуелна информација му е вишок, и во моментот да ја игнорира.
Еве пример за тоа: погледнете ја следнава слика и обидете се да го лоцирате „Т"-то:
Го најдовте? Ок. За следната слика направете го истото, но со еден хинт - овој пат Т-то нема да биде црвено:
Канингам и неговите соработници при изработката на студијата од учесниците побарале да извршат слични задачи, сакајќи да сфатат дали учењето да се игнорира посочената боја може со текот на времето да направи разлика во брзината на пронаоѓањето на целната форма. Иако на почетокот луѓето малку биле збунети, стратегијата потоа им помогнала да го игонираат она што им одземало време. Тоа значи дека иако мозокот активно репресира одредена мисла, тоа со текот на времето му одзема се помалку енергија и концентрација - тој едноставно се вежба да не мисли на она на што не треба да мисли.
Оваа вештина може да се примени на сè и сешто - од правењето на такви аеродромски скенери кои полесно ќе ги откриваат опасните предмети игнорирајќи ги оние другите, па до поефикасно проверување на сопствениот мејл, игнорирајќи ги оние кои не се обележани како спам, а се тотално некорисни.
„Секој пат кога ќе му кажете некому да обрне внимание на она што му го кажувате вие истовремено му велите дека треба да го игнорира сето останато во просторијата", вели Канингман.
Она што нас нè радува во целата приказна е дека игнорирањето некого или нешто, без оглед колку е тоа досадно и агресивно, може да се научи. Доволно е само да повторувате „не мислам на поларни мечки", „не мислам на поларни мечки"...