Според податоците од Светската здравствена организација, во првите 10 земји со најголем број сообраќајни несреќи по глава на жител, 8 се од Африка. Ако се има предвид дека мнозинството Африканци се уште живеат по села каде ретко имаат коли, ваквата статистика испаѓа уште пострашна.
Дел од причините се класични за неразвиени земји: дупки, лоши патишта, слабо или никако одбележани. И што се прави на таков пат? Се пуштаат сите можни светла: долги, оние за магла а често се докупуваат и моќни ЛЕД фарови за да се надкурчат другите.
Класичен парадокс од типот Квака 22: За да ја зголемиш безбедноста, правиш нешто што ја загрозува безбедноста. Во животниот роман на Хелер (читнете, урнебесно добро четиво е тоа) тоа е отприлика вака: Ако си луд а си воен пилот, не смееш да леташ. Но за да се докаже тоа, треба психијатар. Ама ако побараш психијатар, тоа значи дека си сосема здрав, бидејќи би бил луд да сакаш да леташ во убиствени мисии.
Во други области тоа се вика рамнотежата на Неш: Кога сите се однесуваат идиотски, треба да си идиот да се однесуваш поинаку од идиотски. А во Конго, ваквата себичност е подигната на ниво на уставна одредба. Членот 15 од нивниот устав гласи кратко и јасно „Води сметка за себе“.
Кај нас тоа го нема уставот, ама изгледа го имаме во ДНК.