Рибите кои ги прекршија правилата на генетиката

На два вида на риби од северните мориња, изгледа им успеа да пренесат генетски материјал меѓу себе, без парење. Ваков “хоризонтален” трансфер на ДНК до сега е забележан само кај микроорганизми, кај бактериите. За сега, ова откритие се третира како куриозитет во научниот свет, но кој знае, можеби еден ден ќе откриеме дека некои меѓу нашите гени не се “наши”, туку ни ги пренеле, на пример, комарци.

Се работи за ген кој ги штити рибите во северните води од смрзнување. Имено, организмите кои живеат во исклучително студени води, со текот на еволуцијата развиле генетски код со кој се способни да произведуваат антифриз протеин (АФП) кој спречува формирање на кристали мраз во нивните клетки. Со други зборови спречува организмите да смрзнат.

Два вида на риби од далекиот север, харингата и гавунот (или атерината, мало рипче слично на плашиците) го имаат овој протеин во генетскиот код. Она што е чудно и изненадувачко, е дека генот на АФП кај овие два вида е многу сличен, а го нема кај други сродни видови. Харингата и гавунот не се воопшто сродни и не се парат; не е возможно да си го пренеле генот меѓу себе со парење, а веројатноста случајно да развиле ист ген е исклучително мала.

Во март оваа година, група научници објавија неортодоксна теорија да ја објаснат оваа појава. Генот се појавил за прв пат кај харингата, а таа ѝ го пренела на гавунот, но не со парење, туку со хоризонтален трансфер. По аналогија, тоа е како ние луѓето да добиеме ген од глушец, или некој друг цицач кој не ни е воопшто сроден. Кај бактериите хоризонталниот генетски премин е лесно да се изведе. Генетскиот материјал, ДНК молекулата, кај бактериите e релативно лабаво пакувана и непречено “плива” во клетката, во цитоплазмата. За да се случи хоризонтален генетски премин, доволно е дел од молекулата ДНК од една бактерија да премине преку клеточната мембрана на друга бактерија и веднаш ќе се вметне во генетскиот материјал на бактеријата домаќин. Кај евкариотите, како што се растенијата, животните и луѓето, овој процес би одел многу потешко, скоро невозможно. Причината е  таа што нашата ДНК се наоѓа во клеточното јадро, кое претставува бариера за влез на туѓа ДНК. Понатаму, нашата ДНК е тесно и цврсто завиткана во хромозоми, така да дури и да дојде во допир со дел на ДНК на друг организам, нашата ДНК нема лесно да се одвитка за да го прими делот од туѓата. До сега владеело уверувањето дека хоризонталниот премин на ДНК кај евкариотите е невозможен.  

Лори Грејем, молекуларен биолог од универзитетот Куинс во Онтарио, Канада, и водечката авторка на студијата, уште пред дваесет години ја забележала сличноста на овој ген кај рибите, но не успевала да ги објави резултатите. Добар дел од научната јавност не ѝ верувал дека резултатите ѝ се точни. Половина од нејзините колеги и денес велат дека откритието е кул, другата половина воопшто не ѝ верува.

Дејвид Аделсон, научник на универзитетот во Аделаида, Австралија, кој исто така ја проучува оваа појава, вели дека ваквиот трансфер можеби и не е премногу редок. Тој успеал да најде слична појава кај вид на морска змија. Иако добар дел на научната заедница сè уште е скептичен и ги игнорира овие истражувања, Аделсон верува дека со развојот на техники за проучување на геномот, вкупниот генетски материјал, можеби ќе се покаже дека хоризонталниот трансфер кај евкариотите се случува многу полесно и почесто отколку што се претпоставувало до сега.

“Еднаш ако откриеме дека комарец пренел генетски материјал на човек, тогаш ќе ни обратат внимание,” вели Дејвид.

* подготви: Илија Дуковски

20 јули 2021 - 11:11