Oние кои редовно нè читаат знаат дека една од омилените теми ни се научните списанија, нивната често вулгарно комерцијална природа (за што пишувавме тука), како и скриените или намерно пародочните обиди за рушење на тој систем на напредување во академските звања, низ кој се провлекуваат бројни истражувачи низ светот, објавувајќи чисти глупости како научни достигнувања (тука и тука). Она што е битно е дека тие објавиле нешто (што и да е), некаде (каде и да е) и дека тоа им се брои како ставка во нивното инаку интелектуално тенко Си-ви.
За жал на ова не е имуна и нашата академска заедница, која додуше знае и други финти - да земе нечија статија објавена оригинално на македонски, да ја преведе на англиски и да ја понуди под свое име во некое маргинално списание од областа, кое фигурира како меѓународно. Ризикот да се биде фатен е релативно мал, бидејќи гуглањето на насловот на кој и да е од овие два јазика никогаш нема да даде два исти резултата.
Но што ако оригиналниот текст се преведе на англиски и се спореди со вториот, користејќи постоечки програми за откривање плагијати? Токму ова е методологијата која е искористена за споредување на два текста од областа на медицинската етика, на кои ни беше укажано неодамна. Оригиналниот текст е под наслов „Етика во медицински истражувања во кои се вклучени човечки субјекти", објавен во 2013 на сајтот на Институтот за имунобиологија и хумана генетика, како есеј на тогаш студентката по право Илина Стефановска (текстот во .doc формат тука). Вториот текст (целиот во .pdf сосе имињата на авторите тука) е објавен во 2015 во меѓународното научно он-лајн списание Science&Technologies, издадено од Научното здружение Стара Загора (Бугарија) под наслов Ethics in Medical Research Involving Human Subjects. Да повториме, овој пат на македонски - „Етика во медицински истражувања во кои се вклучени човечки субјекти“.
Оној што се помачил на овој начин да ги спореди двата текста е д-р Мирко Спироски, кој резултатите од истото ги објавил пред неколку дена во Македонското списание за медицински науки (целиот текст онлајн тука). Кога тој ги поминал двата текста низ неколку програми за детектирање плагијат тие покажале во просек по 80% совпаѓање, како и шест идентични референци наведени во библиографијата. Текстот дури и вклучува слика со црвено обоени истоветни реченици од обата труда.
Но сето ова не ни беше доволно да се зафатиме со темата, сè додека наместо да му веруваме на некаков софтвер кој брои зборови, но е глуп за да споредува и идеи, не се фативме да ги испринтаме и „пешки" да ги споредуваме двата текста потпирајќи се исклучиво на здравиот разум. Она што го заклучивме е следново - текстовите не се преклопуваат ниту 75, ниту 80, туку во цели 100%. Освен што е преведен, во текстот нема сменето ниту еден збор. Притоа истовремено тажни и смешни се уште неколку работи.
Почнуваме од најбаналното, изгледот на сајтот на меѓународното списание од Стара Загора, кое како да го правел средношколец. Втор е фактот дека текст од две и пол странички, во кој нема никакво истражување туку само краток историски преглед на медицинските истражувања кои вклучуваат луѓе, го имаат потпишано дури шест (и со бројки - 6?!) автори, сите од медицинскиот факултет при Универзитетот Гоце Делчев во Штип. Значи нешто што почнало како најобична семинарска на студентка по право, преведена на англиски магично се претвора во научна статија во меѓународно списание, инстантно вклучена во академските биографии на потпишаните „автори".
Најголемата иронија е сепак во следново - што текстот-плагијат е од областа на ЕТИКАТА, значи е за оние кодекси на добро однесување кои не е нужно да бидат пропишани со ниту еден закон, кои не би морало да се проверуваат со никаков софтвер, кои треба да важат затоа што се подразбираат како долично однесување. На студенти препишана семинарска во најмала рака им се враќа со опомена друг пат „да не прават така“, затоа што на лагата ѝ се кратки гугл транслејтите. Ама што да им се каже на шест возрасни професори, освен она што веќе го кажавме во наднасловот?