„Рутер: методологија за типична унификација на местата за пристап и намалување на редундантноста" беше насловот на текстот полн глупости, генериран со едноставна компјутерска програма од страна на тројца студенти на MIT, кој во 2005 ја покрена бурната дискусија за објавувањето сè и сешто по тн. „академски списанија".
Но на скандалот кој го предизвика прифаќањето на нивниот текст од страна на стручно списание пред девет години изгледа дека не е завршен. Нивната програма SCIgen е достапна за слободно симнување, а како што е наведено во воведот, служи за генерирање на случајни стручни статии од областа на компјутерските науки, кои вклучуваат графикони, статистики и цитати. „Нашата цел е да понудиме максимум забава, не кохерентност", велат тие, сепак наведувајќи ги и практичните предности на оваа нивна „играчка", која може да помогне во авто-генерирање поднесоци за конференции за кои се знае дека имаат ниски стандарди (во прилог има и список на такви, како и на измислени конференции).
Значи и покрај тоа што финтата е стара и позната, се уште има такви кои се обидуваат да ја искористат без курзор да им трепне. Оваа недела списанието Nature извести дека францускиот истражувач Сирил Лабе (Cyril Labbé) открил дека 16 „дрн-дрн" статии креирани од наведената програма биле искористени од германскиот (престижен) академски издавач Шпрингер. Исто така, повеќе од 100 вакви лажни статии генерирани на истиот начин биле објавени од американскиот Институт за електрично и електронско инженерство. И по објавувањето на информацијата, обете организации не презеле чекори за отстранување на текстовите.
Лабе го знаел ова затоа што самиот има создадено програма која ги лови ваквите статии, и како што на интернет постои онаа за нивно пишување, така сега постои и оваа за нивно разоткривање. Издавачите и организаторите на конференции сега веќе не би требало да имаат изговор за тоа дека не можеле да знаат дали некоја статија е компјутерски генерирана.
За примери на лажна наука пишувавме и порано, и со примери од соседството. Постои цело академско подземје во кое работите функционираат така за сите - од истражувачите до издавачите - да бидат задоволни. Тоа значи дека ваквата практика, и покрај тоа што е разоткриена, е далеку од згаснување. Сега само ќе се иницираат пософистицирани програми за создавање поубедливи статии, што ќе повлече правење на исти такви, посовршени програми за нивно откривање.
Има нешто труло во целиот систем на академско напредување и наградување, и додека тој не се промени, голем дел од истражувачите ќе си ја трошат енергијата и времето на тоа како да го надмудрат, а не на тоа како да го стават на цврсти нозе.