Во неговата книга „Предноста на среќата", Шо Ејчор, кој држи популарен курс за среќата на Харвард, раскажува како му поминал првиот ден кога се зарекол дека ќе го намали гледањето телевизија и ќе чита повеќе книги. Намерата му била фина, ама кога се вратил уморен од работа, се бапнал на кауч, се фатил за далечинско и дур да трепнеш, му поминале два саата, после кои нормално, заспал.
Сфатил дека проблемот е во прагот од 20 секунди, кој е сосема доволен работата да појде во погрешен правец. Ги извадил батериите од далечинското и ги ставил во фиока во спалната, за да му требаат точно 20 секунди да дојде до нив и да ги стави назад. Од друга страна, на дофат си поставил внимателно одбрани книги. Оваа мала модификација значајно ја сменила неговата рутина: одеднаш, кога бил уморен на каучот најлесната опција не била да станува по батерии туку да остане на него и да чита.
Така е родено правилото на 20 секунди.
Овој период звучи тривијално, но може комплетно да го промени начинот на кој ќе ги минете следните два часа. На пример ако наутро сте поспани, изборот на вистинската маица за одење на фитнес може да ви претставува толкав товар, што тие 20 секунди мачење ќе ви ја сменат одлуката. Решението на Ејчор: спиење во облеката за вежбање или џогинг.
Истиот принцип важи и во други области: навидум незначајни временски бариери можат да направат голема разлика. Едно истражување покажало дека затворениот, а да не зборуваме за заклучениот фрижидер за сладолед (што значи влегување во продавницата, молење на продавачката да излезе и да отклучи итн.) двојно ја намалила продажбата.
Заклучок: ако сакате да направите нешто кое не е по линија на најмал отпор, не му се мислете. Дур вие ги калкулирате добрите и лошите страни и генерално одложувате, отишол животот.