Напорите за намалување на загадувањето на воздухот, кои се вложуваат со децении, доведе до негово прочистување во повеќе градови во САД, со последователни подобрувања на јавното здравје. Овие напори главно се однесуваа на азотните оксиди и на јаглеводородите. Азотниот оксид е соединение од азот и кислород кој се испушта од моторите (главно од оние на нафта) и од електраните кои работат на јаглен. Јаглеводородите, пак се емитуваат од голем број извори, вклучително автомобили на бензин, растворувачи и чистачи кои се користат и за домашни и за индустриски потреби, па дури и од дрвјата.
Еден од начините на кој истражувачите ги следеле нивоата на азотните оксиди и на јаглеводородите во воздухот било преку испитување на соодносот помеѓу нивоата на јаглеводороди кои не потекнуваат од метан и азотните оксиди. Од 1987 до 1997 тој нивен сооднос се намалил двојно.
Регулативите чија цел е подобрување на квалитетот на воздухот во урбани области како Лос Анѓелес резултирале со голем напредок во намалувањето на емисиите на азотни оксиди и јаглеводороди. Особено помогнало елиминирањето од улиците на старите автомобили и старите дизел камиони. Новите модели, усогласени со стандардите, произведуваат 99% помалку загадувачи, па оттаму во последната декада количеството азотен оксид во воздухот над Л.А. двојно опаднал.
Опаѓањето на јаглеводородите е побавно. Тие потекнуваат од различни извори, што ги прави тешки за таргетирање. Ваквите соединенија се испуштаат, на пример, од двотактни мотори на кои работат дувачи на лисја и косилки за трева - опрема која не е покриена со легислатива.
Наглото опаѓање на азотните оксиди споредено со побавното опаѓање на јаглеводородите е важно: според нова студија на професорите Пол Венберг од Калтек и Хенрик Кјаергаард од Универзитетот во Копенхаген, овој диспаритет може да доведе до производство на хемиски соединенија наречени органски водородни пероксиди.
Водородните пероксиди веќе постојат во природата онаму каде заради ниските нивоа на загаденост има и ниски нивоа на азотни оксиди. Неговите молекули можат да се формираат кога органските соединенија испуштани од дрвјата влегуваат во интеракција со сончевата светлина.
Тимот раководен од Венберг откриле хемиски процеси за формирање органски водородни пероксиди кои не постојат во ниту еден од познатите модели на интеракција на азотните оксиди и јаглеводородите. Атмосферската концентрација на азотни оксиди над Лос Анѓелес и над други урбани региони низ земјата сега опаѓа на ниво на кое се појавува токму овој процес, наречен автооксидација во гасови.
Таа се појавува кога нема доволно молекули на азотен оксид со кои би реагирале јаглеводородите. Како резултат на тоа, молекулите на јаглеводород реагираат меѓу себе. Ваквиот процес е регистриран и во други контексти, на пример кога кај козметика со поминат рок на траење се создаваат органски јаглеводороди кои ја иритираат кожата. Тоа се оние истите кои го расипуваат путерот или виното.
До сега истражувачите сметаа дека вакво нешто не може да се појави во атмосферата, со оглед на моменталните концентрации на урбан азотен оксид. Во следните пет до седум години концентрациите на азотни оксиди ќе се намалат за уште половина, со што истовремено ќе се создаваат повеќе органски водородни пероксиди во урбаните области. Во воздухот тие формираат честички - аеросоли. Засега не е познато како ова ќе влијае на јавното здравје, бидејќи до сега не е регистрирана голема концентрација на водородни пероксиди во многу населени области. Но она што се знае е дека вдишувањето на ваквите честички е генерално лошо по здравјето.